ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Најочигледната почетна точка е финансиската моќ на Премиер-лигата, која значително ги надминува другите лиги. Шест екипи од Премиер-лигата се наоѓаат во првите 10 на ранг-листата на финансискиот извештај на „Делоит“, додека 50 отсто од првите 30 доаѓаат од англиската Прва лига
Премиер-лигата ги покажува своите мускули во Европа, оти пет англиски тима завршија меѓу првите осум во Лигата на шампионите (ЛШ) и стигнаа до нокаут-фазите. Тие би можело да станат шест во осминафиналето, ако Њукасл го добие плејоф-двомечот откако заврши 12-ти во лигашката фаза по ремито (1-1) против бранителот на титулата ПСЖ. Арсенал заврши на првото место, Ливерпул трет, Тотенхем четврти, Челси шести и Манчестер сити осми. Ако Њукасл се пласира во плејофот, би можело да се испише историја. Како никогаш досега немало шест тима од Премиер-лигата во нокаутите во ЛШ.
– Тоа е доминантно. Мислам дека сите велевме неколку години дека Премиер-лигата е најдобрата лига во светот и мислам дека ова е уште еден знак за тоа – вели менаџерот на Тотенхем, Томас Франк, пишува „Би-би-си“.
Па, зошто тимовите од Премиер-лигата беа толку доминантни против европската елита?
ФИНАНСИСКА МОЌ И ФИЗИЧКА СПОСОБНОСТ?
Најочигледната почетна точка е финансиската моќ на Премиер-лигата, која значително ги надминува другите лиги. Шест екипи од Премиер-лигата се наоѓаат во првите 10 на ранг-листата на финансискиот извештај на „Делоит“, додека 50 отсто од првите 30 доаѓаат од англиската Прва лига. ТВ-правата генерираа огромни приходи од емитување за екипите од Премиер-лигата, при што приходите од тој извор ги засенија оние од другите земји. Минатото лето, клубовите од Премиер-лигата потрошија повеќе од кога било досега во преодниот рок, оти трошењето надмина три милијарди фунти. За да се истакне колкава финансиска моќ имаат клубовите од Премиер-лигата во однос на другите делови од Европа, вкупното потрошено во летниот рок беше повеќе од потрошеното од клубовите од Бундеслигата, Ла лига, Лига 1 и од Серија А заедно. Повеќе пари значат дека клубовите можат да инвестираат во поголеми екипи, а Арсенал ги гледа придобивките од големото трошење за да ја зголеми својата сила, оти завршија први во лигашката фаза во ЛШ и се на врвот во Премиер-лигата.
– Најголемата единствена причина зошто англиските клубови досега беа доминантни, е финансиската моќ на Премиер-лигата. Исто така, станува збор за тоа колку конкурентни станале со тоа што се бореле и биле еден околу друг, се туркале еден кон друг – вели поранешниот фудбалер на ливерпул Стивен Ворнок, за „Би-би-си“.
Напаѓачот на Њукасл, Ентони Гордон, исто така вели дека поотворениот стил на игра во Европа им користел на англиските тимови, додека Премиер-лигата е „пофизичка отколку што некогаш сум ја знаел“.
– Мислам дека во ЛШ тимовите се поотворени. Сите се обидуваат да играат, има помалку транзиција. Премиер-лигата понекогаш е како кошаркарски натпревар, толку е физички немилосрдна. Нема многу контрола, тоа е игра на трчање, а понекогаш станува збор за дуели, кој и да ги добие дуелите, ја добива играта. ЛШ е малку постар стил на игра. Тимовите доаѓаат и се обидуваат да играат вистински фудбал. Во Премиер-лигата, гледате многу повеќе долги аути, прекини… – вели меѓу другото Гордон.
ДАЛИ ЕКИПИТЕ ОД ПРЕМИЕР-ЛИГАТА ИМААТ ПОЛЕСНИ ДУЕЛИ?
Несомнено е импресивно достигнувањето пет и потенцијално шест тима од Премиер-лигата да стигнат до нокаут-фазата. Но дали натпреварот беше поблаг за нив отколку за другите тимови? На почетокот на сезоната, статистичарите за фудбалски податоци „Опта“ анализираа, ги издвоија натпреварите на секој тим од ЛШ и ги рангираа сите за да утврдат кој имал најдобра ждрепка. Натпреварите на Арсенал беа рангирани како трети најлесни, со Тотенхем четврти, Ливерпул седми и Челси осми. Манчестер сити се сметаше дека има 14-ти најлесни натпревари, додека Њукасл, кој играше против бранителот на титулата ПСЖ, беше 32. на ранг-листата.
Последниот и единствен пат кога пет екипи од Премиер-лигата се пласираа во нокаут-фазата беше во 2017 година, кога тоа го сторија Челси, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем. Сепак, само два од тие тимови, Ливерпул и Манчестер сити, се пласираа во осминафиналето, додека „Црвените“ стигнаа до финалето откако го елиминираа Сити во четврт-финалето. Со пет екипи од Премиер-лигата што завршија меѓу првите осум во лигашката фаза од сезонава, и со тоа ја избегнаа можноста да се соочат еден со друг во осминафиналето, постои можност рекорден број англиски екипи да стигнат до четврт-финалето. Тоа што голем број англиски клубови се пласираа во подоцнежните фази од ЛШ не е ништо ново. Тоа што четири екипи се пласираа во четврт-финалето во 2007-2008 и 2008-2009, како и во 2018-2019, доведе до целосно англиско финале во 2007-2008 и 2018-2019. Ниту една друга држава досега немала четири тима во четврт-финалето, а годинава Англија може да има дури шест. Но барањата за играње во Премиер-лигата, покрај ЛШ, си го земаат данокот, поради што многу менаџери беа олеснети што ги избегнаа двата дополнителни дуела од плејофот.
– Сѐ уште мислам дека ќе биде многу тешко за еден од нив да продолжи понатаму и да ја освои ЛШ, во зависност од тоа колку е тешка Премиер-лигата секоја недела, без разлика дали се борите за титулата или за место во првите четири. Јасно е дека англиските клубови се во добра позиција влегувајќи во нокаут-фазите. Некои од другите големи клубови за кои мислевме дека ќе го достигнат врвот или ќе почнат да покажуваат подобра форма, како на пример ПСЖ, сѐ уште не се подготвени – додаде Ворнок, пишува „Би-би-си“.
КАКО СЕ СПРАВУВААТ ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ
Трите други земји што имаа тимови што им се придружија на англиските во напредокот во нокаут-фазата беа Германија (Баерн Минхен), Шпанија (Барселона) и Португалија (Спортинг Лисабон). Тоа доведе да поминат некои изненадувања преку плејофот, оти ПСЖ не успеа да ја добие потребната победа против Њукасл за да обезбеди место меѓу првите осум. Реал Мадрид во меѓувреме беше на погрешната страна од возбудливиот и драматичен меч со Бенфика. Мадриѓаните останаа со девет играчи, додека голот во последната секунда од голманот Анатолиј Трубин обезбеди незаборавна победа со 4-2 за тимот на Жозе Мурињо, со која се обезбеди место во плејофот.
Други големи тимови што се соочуваат со лотаријата во плејофот, се италијанските тимови Јувентус и Интер, заедно со бундеслигашот Борусија Дортмунд и шпанскиот Атлетико Мадрид, кои беа изненадени од Бодо/Глимт. Норвежаните беа изненадување во ЛШ, а нивната победа над Атлетико дојде само осум дена откако го победија Манчестер сити. Овие резултати значеа дека се пласираа во плејофот и станаа првиот норвешки тим што избори пласман во лигата или во групната фаза во ЛШ, од Розенборг во сезоната 1996-1997, пишува „Би-би-си“. Г.И.
































