Популарниот Веско беше голман во еден од нашите најдобри фудбалски колективи Победа. Како дипломиран студент на ДИФ во Белград и професор по фискултура низ негови раце поминаа многу прилепски спортисти
Веселин Веско Тофоски (1)
Секој град во оваа наша Македонија си има понекоја истакната личност во јавните дејности. Таков е случајот и со Прилеп, град во кој имаше неколку забележителни имиња во новинарската фела, особено во оној сегмент на спортското новинарство. Во оваа пригода да го споменам Миле Талески и, за жал, покојните, но незаборавни спортски пера Тачко Локвенец, кој беше „жртва“ на корона-вирусот, Драги Башески и Веселин Тофоски, кој во годините во кои твореше успеа да прибере многу податоци за ФК Победа и да напише четири книги во кои е опишан развојниот пат на миленикот не само на прилепчани туку на сите вистински љубители на фудбалот во Македонија. Во нив е обработен еден долг период, и тоа од почетоците во 1919 година, па сѐ до 2000 година. Како вистински прилепчанец, вљубен во својата Победа, без која градот под Марковите Кули не може да се замисли, ги опишува сите значајни моменти за клубот, а со тоа и за македонскиот фудбал, зашто Победа не беше само прилепска туку беше македонска. Дека е ова така потврдува и фактот што најубаво говори за вредностите и за квалитетите на Победа, која во еден долг период беше една од најстандардните екипи во Втората, мошне силна фудбалска лига на поранешната држава.
Само некои минорни нешта ја спречуваа таа да стане член и на Првата лига. Но тие нешта колку да беа незначајни и незабележителни за југословенската јавност, не беа мали за прилепчани, тие им го „параа“ срцето. Некој ќе речеше, е што, се загуби еден некогаш и два бода, голема работа. Но на крајот излегуваше оти тоа навистина е голема работа, зашто ете толку недостигаше Победа да не влезе во Првата лига. Но, без оглед на сѐ, ние, барем што ги следевме фудбалските околности уште од 50-тите години, си ја сметавме Победа како некогаш да била прволигаш. Прилепскиот тим беше мошне квалитетен, за што потврдуваат и неговите пласмани во некои сезони од второто до петтото место на второлигашката табела. Сето ова беше добро, но, сепак, недоволно да се отвори портата за влез во елитното друштво. Таква била судбината на Победа и на сите нејзини генерации, меѓу кои имаше врвни фудбалски мајстори, со репрезентативни квалитети. Тие со своите игри привлекуваа и голем број гледачи, некогаш и повеќе од 20.000. Тоа беа времиња кога стадионот „Гоце Делчев“ блескаше со сиот свој сјај и токму поради ваквата слика љубителите на фудбалот често знаеја да кажат оти Прилеп е најфудбалскиот град на Балканот. За тоа имаа наполно право, тоа беше една вистина, која младите генерации мора да ја знаат.
Без Победа, Прилеп ќе беше посиромашен
Сега да се вратам на Веселин Веско Тофоски, кој како новинар, хроничар и публицист зад себе остави едно големо дело, кое вечно ќе сведочи за тоа која и каква беше Победа во годините кога живеевме во поранешната држава, која на фудбалски план, пак, беше една од најреспектираните земји. Во емисијата што ја снимив во 2010 година, Тофовски со одушевување ми зборуваше за Победа. Со еден збор, од секоја негова реченица можеше да се заклучи дека Победа е нешто свето за прилепчани. Се добиваше впечаток оти без неа Прилеп ќе беше посиромашен за едно фудбалско богатство и, со еден збор, немаше да биде она што е. Тоа е вистина, зашто Победа беше и љубов и гордост. Без неа градот немаше да биде толку препознатлив, каков што стана во годините кога прилепските фудбалери истрчуваа на теренот и успешно им парираа на сите екипи, без оглед од кој дел на Југославија доаѓаа. Во текстов посветен на вредниот и студиозен Веско, ќе интерпретирам и негови реченици кажани во емисијата, кои говорат за прилепската фудбалска сага.
– Кога зборувам за Победа секогаш сум возбуден. Веројатно е така зашто стравував да не испуштам нешто од нејзините најзначајни моменти, кои ги имаше многу. Не беа само победите што се паметеа. Напротив, прилепчани, кои во минатото во чекор ја следеа Победа, не се лутеа и ако загубеше. Но битно беше фудбалерите да се борат и да го вложуваат својот максимум, како што се вели, да го оставаат срцето на теренот. Имаше посилни противници од кои ќе загубевме, но прилепчани, кои се одлични познавачи на фудбалот им простуваа на своите миленици. Едноставно, беа свесни дека против посилниот не може да се оди со глава во sид. Сепак, не може да се каже оти поразите не болеа, напротив нашите симпатизери чувствуваа празнина во душата, верувајќи оти таа ќе биде пополнета по првата следна победа. Љубовта кон клубот често и нив ги заслепуваше и веруваа оти Победа може со секого рамноправно да се носи. Впрочем, добро беше што се создаваше една таква атмосфера, зашто тоа влијаеше и врз играчите постојано да бидат на штрек и да веруваат оти нема непобедлив тим. Секој има понекоја слабост, која противникот треба да ја искористи. Така, често се случуваше Победа да изненади многу од фаворитите – ми велеше Веско.
Веско доаѓа меѓу стативите
Е, сега да пренесам и како течеше фудбалската кариера на Веско Тофоски, која почна во 1951 година, кога го имаше и огненото крштевање, и тоа на голот на ФК Гоце Делчев.
– Дел од моите другари што почнаа да играат фудбал беа членови на ФК Гоце Делчев, па ме наговорија да дојдам и да застанам на голот. Со мојата височина како да бев роден за оваа позиција. Инаку, речиси сите во клубот бевме ученици во едно од двете училишта, „Кузман Јисифовски-Питу“ или „Мирче Ацев“. Тренер во тоа време ни беше Илија Игњатовски, кој потоа многу години работеше како тренер во повеќе клубови, за својата кариера да ја заврши како секретар на тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија. Тој беше човек исклучително посветен на фудбалот и има голема заслуга за подемот и неговото квалитетно издигнување на овие наши простори. Јас, пак, го паметам и како врвен педагог во областа на физичкото воспитување, кој беше омилен меѓу учениците на кои подоцна им стана и тренер. Инаку, со оглед на неговите фудбалски знаења и организациските способности, тој потоа, сѐ до пензионирањето, ја вршеше функцијата секретар на Фудбалскиот сојуз на Македонија. Јас, пак, поттикнат од него, по завршувањето на Средното училиште заминав во Белград и се запишав на Факултетот за физичка култура (познат како ДИФ). Додека студирав бранев за еден клуб од Младеновац, а се разбира бев на голот и на факултетската екипа на студентските натпревари – со почит говореше во емисијата Веско за својот прв фудбалски учител.
Откако дипломира на ДИФ, Веско се врати во Прилеп и од 1957 до 1963 беше голман на Победа, која во своите редови имаше неколку истакнати поединци. Веско посебно ми го спомена името на неговиот колега, инаку прв голман во тој период, Келтаноски, за потоа да продолжи со редење на имињата на другите, Крстески, Јакимоски, Анески, Димоски, Лашкоски, Атанасоски, Петкоски, кој подоцна беше и тренер. Сите тие израснаа во големи фудбалери, кои ја пренесуваа славата на прилепскиот фудбал. Најдалеку од нив, сепак, и како фудбалер и како тренер отиде Илија Димоски, кој заплива и во прволигашките води настапувајќи неколку сезони за стандардниот прволигаш Раднички од Ниш. Тој таму изгради убава играчка кариера, за потоа да ја гради и како тренер. Димоски работеше во повеќе клубови, а во Македонија ќе се памети и како еден од тренерите на Вардар во периодот кога се создаваше онаа шампионска генерација предводена од Дарко Панчев.
Големи заслуги на Гајда и Моша
Во една од оние книги на Веско Тофоски посветени на ФК Победа посебно внимание привлекува опишувањето на периодот кога на кормилото на тимот беа Стојан Богоевски-Гајда и популарниот Благоја Моша Марјановиќ. Двајцата, без сомнение, оставија голема трага не само во Победа туку и во македонскиот фудбал. Првиот беше тренер и во други клубови, меѓу кои и Работнички, а вториот како поранешен репрезентативец и голгетер на репрезентацијата во предвоена Југославија, која учествуваше на Светското првенство во Уругвај во 1930 година. Моша имаше популарност и беше ценет и надвор од границите на поранешната држава.
– Гајда беше многу интересен и како човек. Тој многу не зборуваше, но максимално стручно си ја извршуваше работата и имаше голем придонес за афирмацијата на неколку млади играчи. Тука би ги споменал Симеон Велкоски, Јове Магдески, Цуцулески, Дамјаноски, Ѓоргиоски, Манески и уште неколкумина, кои потоа станаа столбови во тимот на Победа. Ако доаѓањето на Гајда и не беше некое изненадување, затоа што тој беше афирмиран во нашата средина, доаѓањето на Моша Марјановиќ за тренер на Победа не беше само изненадување, туку вистинска сензација. Што е интересно, тој во 1960 година дојде во Прилеп директно од Торино, каде што работеше како тренер, а претходно ја тренираше и Катанија. Заслугата за тоа што кормилото на прилепчани го презеде еден таков ас ја имаше Благоја Илиќ-Бели, чие пријателство со Моша датираше од деновите од пред Втората светска војна, кога тој настапуваше за белградски БСК. Ете така се случи Моша да дојде во Прилеп, што ја разбрани фудбалската јавност – рече во емисијата Веско.
Овој момент и многу други случувања Веселин Веско Тофоски ги опишува во своите книги, кои ја раскажуваат историјата на еден од нашите најпопуларни фудбалски клубови. Тие се од големо значење не само за фудбалски Прилеп туку воопшто за вкупната историја на градот под Марковите Кули, кој не можеше да го замисли својот живот без Победа. Нешто повеќе за голманската кариера на Веско Тофоски, потоа за многубројните доживувања, за победите и поразите, ќе читате идната недела.
Веселин Веско Тофоски
Роден: во 1932 година во Скопје, почина во 2017 година во Прилеп
Кариера: ФК Гоце Делчев, ФК Младеновац и ФК Победа
Спортски работник и новинар: Генерален секретар на Победа, член на Здружението на педагози по физичко воспитување, афирматор на спортот преку „Народен глас“ и „Вечер“, во кој многу години беше дописник. Тој беше хроничар, публицист и новинар со многу текстови и книги за историјата на Победа од 1919 до 2000 година и многу други текстови за спортот во Прилеп