ИЗБОР ЗА 2025 ГОДИНА
- Дембеле беше прогласен за играч на сезоната во ЛШ, одигра клучна улога во двојната круна во домашниот фудбал на ПСЖ, а Бонмати, која ја освои наградата и во 2023 и во 2024 година, освои тројна круна со Барселона и одигра клучна улога во пласманот во финалето на ЛШ, пишува УЕФА
Напаѓачот на Пари Сен Жермен и на репрезентацијата на Франција, Усман Дембеле, ја освои „Златната топка“ за мажи за 2025 година, а фудбалерката од средниот ред на Барселона и на Шпанија, Аитана Бонмати, ја освои третата последователна „Златна топка“ за жени, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Дембеле беше прогласен за играч на сезоната во Лигата на шампионите (ЛШ) кога ПСЖ првпат ја освои титулата, тој одигра клучна улога во двојната круна во домашниот фудбал, завршувајќи ја сезоната 2024/2025 со 37 гола и 15 асистенции, а Бонмати, која ја освои наградата и во 2023 и во 2024 година, освои тројна круна со својот клуб и одигра клучна улога во пласманот на Барселона до финалето на Лигата на шампионите за жени, пишува УЕФА.
Наградата „Златна топка“ се доделува годишно од францускиот магазин „Франс фудбал“ од 1956 година, ова беше 69. издание. Од лани признанијата се доделуваат во партнерство со УЕФА. Годишната церемонија вклучува награди за најдобрите машки и женски играчи, најдобрите машки и женски клубови, најдобрите тренери во машкиот и во женскиот фудбал, награди за најдобрите млади играчи и голмани, признание за најдобриот стрелец во првите пет лиги, плус националните натпреварувања, како и признание за хуманитарна работа, наградата „Сократес“. Н.М.
НАГРАДИ ЗА 2025 ГОДИНА
„Златна топка“, мажи: Усман Дембеле (Франција, ПСЖ)
„Златна топка“, жени: Аитана Бонмати (Шпанија, Барселона)
Трофеј „Копа“, мажи: Ламин Јамал (Шпанија, Барселона)
Трофеј „Копа“, жени: Вики Лопез (Шпанија, Барселона)
Трофеј „Јашин“, мажи: Џанлуиџи Донарума (Италија, ПСЖ)
Трофеј „Јашин“, жени: Хана Хемптон (Англија, Челси)
Трофеј „Герд Милер“, мажи: Виктор Ѓокереш (Шведска, Спортинг/Арсенал)
Трофеј „Герд Милер“, жени: Ева Пајор (Полска, Барселона)
Клуб на годината, мажи: ПСЖ (Франција)
Клуб на годината, жени: Арсенал (Англија)
Трофеј „Јохан Кројф“, мажи: Луис Енрике (Шпанија, ПСЖ)
Трофеј „Јохан Кројф“, жени: Сарина Вигман (Холандија, репрезентација на Англија)
Извор: УЕФА