Ланскиот победник Кејн ја заврши сезоната со 52 бода и е на четвртото место во поредокот за сезонава
ФУДБАЛ
Титулите во домашните првенства се освоени, решено е кои екипи испаднаа и ќе има нови екипи во Лигата на шампионите, но во последниот дел од сезоната се решаваше за „златната копачка“. Признанието секоја сезона му се доделува на водечкиот стрелец во домашните натпревари од највисоката дивизија.
Оригинално претставен од францускиот весник „Лекип“, трофејот се доделува од европските спортски медиуми од сезоната 1996/1997. Головите постигнати од играчи што се натпреваруваат во најдобрите пет лиги во Европа, Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија, вредат два бода. Головите од оние што играат во лигите рангирани од шестото до 22-то место според ранг-листата на Европската фудбалска унија (УЕФА) вредат 1,5 бод, а головите на преостанатите играчи што се натпреваруваат во понискорангираните европски лиги вредат еден бод, пишува „Би-би-си“.
Капитенот на Англија, Хари Кејн, ќе го заврши неговото владеење откако ја заврши сезоната во Бундеслигата со 26 гола, и со неговите 52 бода е на четвртото место во поредокот. Во врвот пред последното коло беа Килијан Мбапе (Реал Мадрид), Виктор Ѓокереш (Спортинг) и Мохамед Салах (Ливерпул).
Осумкратниот освојувач на „златната топка“ за најдобар фудбалер Лионел Меси ја освои наградата рекордни шест пати, Кристијано Роналдо во четири наврати беше крунисан за најдобар стрелец во Европа, а по двапати славеа Еузебио, Герд Милер, Дуду Георгеску, Фернандо Гомеш, Марио Жардел, Тиери Анри, Диего Форлан, Луис Суарез и Роберт Левандовски. . . Н.М.