Македонија сезонава ќе има четворица фудбалери во ЛШ, и тоа Елмас (Лајпциг), Адеми, Ристовски (двајцата Динамо Загреб) и Миовски (Џирона). Тимовите што по осум кола ќе бидат меѓу осумте најдобри ќе се пласираат во осминафиналето, а тие од деветтото до 24-то место ќе играат во плејофот за влез во осминафиналето
ФУДБАЛ – ОДРЕДЕНИ ДВОЈКИТЕ ЗА НОВАТА СЕЗОНА НА РЕФОРМИРАНАТА ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Реал Мадрид – Борусија Дортмунд (играа во мечот за титулата во минатата сезона), Манчестер сити – Интер (во 2023 година), Ливерпул – Реал Мадрид (во 2022-та), Баерн – Пари сен Жермен (2020 г.), Милан – Ливерпул (2005-та), Астон вила – Баерн (1982 година), Бенфика – Барселона (1961-та)… се само некои од двојките за новата сезона на реформираната Лига на шампионите (ЛШ), а кои ќе бидат своевидна реприза на финалиња од минатите години на најсилното европско клупско фудбалско натпреварување.
Македонија сезонава ќе има четворица фудбалери во ЛШ, и тоа Елиф Елмас (Лајпциг), Аријан Адеми, Стефан Ристовски (двајцата Динамо Загреб) и Бојан Миовски (Џирона). Лајпциг ќе игра дома со Ливерпул, Јувентус, Спортинг и со Астон вила, а на гости со Интер, Атлетико Мадрид, Селтик и со Штурм. Динамо ќе се сретне на свој терен со Борусија Дортмунд, Милан, Селтик и со Монако, а ќе игра на гости кај Баерн, Арсенал, Салцбург и кај Слован. Џирона дома ќе има дуели со Ливерпул, Арсенал, Феенорд и со Слован, а ќе гостува кај Пари сен Жермен, Милан, ПСВ Ајндховен и кај Штурм.
Ривали на актуелниот шампион Реал Мадрид се Борусија Дортмунд, Милан, Салцбург и Штутгарт дома, како и Ливерпул, Аталанта, Лил и Брест на гости. Вкупно, секој од 36-те тима ќе игра по осум натпревари во лигашката фаза, по четири дома и на гости, против два противника од секој од четирите барабани.
Редоследот на натпреварите ќе биде потврден денеска, откако вчера беа влечени ждрепките за Лига Европа и за Конференциската лига.
Ждрепката беше полудиригирана, па нема дуели на екипи од иста земја. Тимовите што по осум кола ќе бидат меѓу осумте најдобри ќе се пласираат во осминафиналето, тие што ќе се бидат од деветтото до 24-то место ќе се натпреваруваат во плејофот за влез во осминафиналето, а тие од 25-то до 36-то место ќе ја завршат европската сезона.
Бројот на натпревари во новиот формат се зголеми од 125 на 189, секој тим ќе одигра најмалку осум натпревари, наместо како досега шест, и максимум 17. Н.М.