На ЕП 2024, кое ќе биде отворено со дуелот Германија – Шкотска, на 14 јуни, ќе има многу репризни дуели во групната фаза меѓу повеќе репрезентации, како полуфиналните дуели на ЕП 2020, Италија – Шпанија и Англија – Данска, потоа дуели на селекции што играле во претходните две години на ЕП, СП, Лигата на нациите, квалификациите токму за ЕП 2024, а три репрезентации се во иста група, како што беа и во 2008…
ФУДБАЛ
Ждрепката за групната фаза на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година во Германија одреди првиот меч да биде помеѓу Германија и Шкотска, на 14 јуни, и донесе неколку силни групи и многу репризни дуели на повеќе репрезентации.
Во групата Б на европскиот шампионат в година се репрезентациите на Шпанија, Хрватска, Италија и на Албанија и во рамките на таа група ќе видиме нов дуел помеѓу Шпанија и Италија, кои во претходните две години играа меѓу себе во полуфиналето на Европското првенство, играно во 2021 година (победи Италија) и потоа во полуфиналето на Лигата на нациите, во 2022 година (победи Шпанија).
Италија, која е актуелен европски шампион, и Шпанија, која е актуелен победник на Лигата на нациите, ќе играат меѓу себе на петто континентално првенство по ред, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
Така, тие се сретнаа во четврт-финалето на ЕП 2008, потоа во групната фаза и во финалето на ЕП 2012, во осминафиналето на ЕП 2016, како и во полуфиналето на ЕП 2020. Во тие пет натпревари двете селекции забележаа по две победи, а еден меч заврши со реми. Хрватска и Шпанија, пак, играа меѓу себе во осминафиналето на ЕП 2020.
Репризи ќе има и во групата Ц, во која се репрезентациите на Словенија, Данска, Србија и на Англија. Европскиот вицешампион Англија и Данска се сретнаа во полуфиналето на Европското првенство од 2021 година (победи Англија). Србија и Словенија, пак, беа во иста група во неодамнешната сезона на Лигата на нациите, лига Б, во мечевите играни лани во јуни, а Данска и Словенија играа во иста група во штотуку завршените квалификации за ЕП 2024 (Данска го освои првото место во таа група, но двете селекции имаа по 22 бода).
Нови натпревари меѓу стари познаници ќе има и, на пример, во групата Д, во која се Холандија, Австрија и Франција, а ќе настапи и победникот на плејофот А (Велс, Финска, Полска или Естонија). Холандија и Франција играа во иста група во квалификациите токму за ова Европско првенство (Франција беше прва во групата со 22 бода, пред Холандија со 18).
Холандија и Австрија, пак, се сретнаа во групната фаза и на ЕП 2020 (во таа група настапи и репрезентацијата на Македонија), а на истиот шампионат Унгарија и Германија беа дел од групата Ф, како што се сега во групата А. Турција, Португалија и Чешка беа извлечени заедно во групата Ф за ЕП 2024, а тие селекции, исто така, беа во иста група на Европското првенство во 2008 година, пишува УЕФА. Н.М.