Сезонава во полуфиналето се победници на европски и светски првенства и на Лигата на нациите. Денеска играат Германија и Португалија, а утре Шпанија и Франција. Мечот за третото место и финалето се в недела
ФУДБАЛ – ФАЈНАЛФОР ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
За титулата на фајналфор-турнирот во Германија во фудбалската Лига на нациите (ЛН) ќе играат репрезентации што освојувале трофеи на европски (ЕП) и на светски првенства (СП) и во Лигата на нациите. Денеска во Минхен (од 21 ч.) е првото полуфинале, меѓу Германија, светскиот шампион во 1954, 1974, 1990 и во 2014 година и европски првак во 1972, 1980 и 1996 година, и Португалија, европски првак во 2016 година и победник на Лигата на нациите во 2019 година.
– Целта е да ја освоиме ЛН. Сакаме да играме, да остваруваме резултати и да освојуваме титули, а за нас како група тоа е многу важно. Шпанија докажа колку може да биде важен овој турнир кога го освои пред да триумфира на ЕП лани. Кога ги гледам лицата на нашите играчи, гледам мотивација и возбуда – рече селекторот на Германија, Јулиан Нагелсман, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Германија првпат е во полуфиналето на Лигата на нациите, а Португалија по пет години се враќа меѓу четирите најдобри во тоа натпреварување.
– Нема многу можности во меѓународниот фудбал да се освојуваат трофеи, и нема ништо подобро од тоа. Важно е што сме тука, а фајналфорот е таму каде што треба да бидеме. Соочувањето со репрезентации како Германија, потоа можеби со Шпанија или со Франција, се совршени предизвици за да се продолжи со подготовката за СП – рече Роберто Мартинез, селектор на Португалија, пренесе УЕФА.
Утре во Штутгарт (од 21 ч.) е дуелот помеѓу Шпанија, актуелен европски првак (победи и во 1964, 2008 и во 2012 г.), некогашен светски шампион (2010-та) и актуелен победник на ЛН (2023 година), и Франција, светски првак во 1998 и во 2018 година, победник на ЕП 1984 и ЕП 2000 и победник на ЛН 2021.
– На овој турнир ги имаме трите претходни победници на Лигата на нациите, три претходни победници на светски првенства и претходен европски првак. Сигурно не можете да го наречете мал турнир. Му придаваме огромно значење. Од моментот кога пристигнав секогаш велев дека овој турнир е потежок од европско првенство во групната фаза. Сакаме да испишеме историја и да станеме првата репрезентација што двапати ја освоила Лигата на нациите. Ќе продолжиме да се натпреваруваме на највисоко ниво против селекции што лесно можат да бидат во финале на СП или во некое друго големо финале утре – вели Луис де ла Фуенте, селектор на Шпанија, пренесе УЕФА.
Натпреварот за третото место е в недела (од 15 часот) во Штутгарт, а мечот за титулата ќе се игра истиот ден (од 21 часот) во Минхен.
– Оваа репрезентација на Шпанија веќе го покажа својот квалитет, а тие се најдобрата селекција во Европа и веројатно најдобрата во светот. Можеби имаат и неколку играчи што се посвежи, но, сепак, мојот тим секогаш има способност да одржува силен колективен и технички ритам. Уште не сум видел тим што навистина нашол решение за да го запре Јамал. Додадете го и Нико Вилијамс и јасно е дека Шпанија има големо темпо. Но тоа не значи дека ќе му пристапиме на овој меч веејќи го белото знаме – изјави селекторот на Франција, Дидие Дешам, пренесе УЕФА. Н.М.