Фото: „Нова Македонија“

ФУДБАЛ

  • Веќе по осминафиналето, клубовите во ЛШ сезонава постигнаа еден гол повеќе отколку во целата мината сезона, која досега беше најефикасна откако најсилното европско клупско фудбалско натпреварување се игра под името Лига на шампионите

Со просек од 3,52 погодоци по натпревар, сезонава е најефикасна во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, откако тоа се игра под името Лига на шампионите (ЛШ), од сезоната 1992/93. По осминафиналето, просечниот број голови е многу повисок од тој во досега најефикасната сезона на ЛШ, ланската. Згора, веќе по осминафиналето, клубовите во Лигата на шампионите сезонава постигнаа еден гол повеќе отколку во целата мината сезона (619-618).
Кон ефикасноста сезонава влијаеше и неверојатно богатото со голови осминафинале, во кое беа постигнати вкупно 68 погодока, односно 4,25 по меч. Многупати мрежите се тресеа и во плејофот за пласман меѓу 16-те најдобри тима, вкупно 64 пати, за просек од четири гола по средба.
Со актуелната ефикасност, сезонава се наоѓа на деветтото место во историјата на натпреварувањето, кое до сезоната 1991/92 се играше под името Куп на европските шампиони (КЕШ). Убедливо најефикасна сезона останува првата, 1955/56, кога просечно по натпревар беа постигнувани 4,38 гола.
И следните седум најефикасни сезони се во периодот од 1956 до 1966 година, со уште две со просек над четири гола по средба, и тоа 4,19 во сезоната 1959/60 и 4,02 во сезоната 1961/62. Откако се игра ЛШ, пак, досега најефикасна е минатата сезона, со 3,27 гола по натпревар, а потоа е сезоната 2019/2020 со 3,24. Вкупно досега имало три сезони со просек од над четири гола и 24 сезони со три или повеќе погодоци по средба.
Двојките за четврт-финалето сезонава се Реал Мадрид – Баерн, Спортинг – Арсенал, Барселона – Атлетико Мадрид и Пари сен Жермен – Ливерпул. Според податоците на Европската фудбалска унија (УЕФА), Реал Мадрид и Баерн играа меѓу себе во полуфиналето во сезоната 2023/2024, Спортинг и Арсенал се сретнаа лани во лигашката фаза, Барселона и Атлетико Мадрид во четврт-финалето се сретнаа во сезоните 2013/2014 и 2015/2016, а Пари сен Жермен и Ливерпул играа меѓу себе во осминафиналето лани. Н.М.


ЕФИКАСНОСТА ВО ПРЕТХОДНИТЕ НЕКОЛКУ СЕЗОНИ

СЕЗОНА ПРОСЕК
2025/2026 3,52 (во тек)
2024/2025 3,27
2023/2024 3
2022/2023 2,98
2021/2022 3,04
2020/2021 2,93
2019/2020 3,24
2018/2019 2,93

ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Осминафинале
Спортинг – Бодо/Глимт 5-0 (0-3)
Арсенал – Баер 2-0 (1-1)
Челси – Пари сен Жермен 0-3 (2-5)
Манчестер с. – Реал М. 1-2 (0-3)
Барселона – Њукасл 7-2 (1-1)
Ливерпул – Галатасарај 4-0 (0-1)
Баерн – Аталанта 4-1 (6-1)
Тотенхем – Атлетико М. 3-2 (2-5)

во заградите се резултатите од првите мечеви

Четврт-финале
1. Реал М. – Баерн 7.4
2. Спортинг – Арсенал 7.4
3. Барселона – Атлетико М. 8.4
4. ПСЖ – Ливерпул 8.4

реваншите се на 14 и на 15 април

Полуфинале
Победник 4 – Победник 1
Победник 3 – Победник 2

КОЈ ЌЕ ИГРА ВО ФИНАЛЕТО НА ЛШ СЕЗОНАВА?

Финалист 1: Пари сен Жермен, Ливерпул, Реал Мадрид или Баерн
Финалист 2: Барселона, Атлетико Мадрид, Спортинг или Арсенал