Процедурите за ждрепката содржат неколку клучни принципи за да се обезбедат натпреварувачка рамнотежа и географска разновидност во текот на групната фаза и, во зависност од спортските резултати, во следната рунда, пишува ФИФА

Светската фудбалска федерација (ФИФА) ги потврди процедурите за денешната ждрепка во Мајами (од 19 часот) за клупското Светско првенство (СП) во САД в година. Процедурите содржат неколку клучни принципи за да се обезбедат натпреварувачка рамнотежа и географска разновидност во текот на групната фаза и, во зависност од спортските резултати, во следната рунда, пишува ФИФА.
Клубовите што ќе играат на првото клупско СП со 32 тима се распределени во четири барабани. Во првиот се по четири највисокорангирани тимови од Европа и од Јужна Америка, а во вториот се преостанатите осум екипи од Европа. Во третиот барабан има по две највисокорангирани екипи од Азија, Африка и од Северна Америка, заедно со преостанатите два клуба од Јужна Америка, а во четвртиот се наоѓаат по два преостанати тима од Азија, Африка и од Северна Америка, заедно со претставникот на Океанија и тимот што ја претставува земјата домаќин, Интер Мајами.
Ждрепката ќе биде полудиригирана, вклучувајќи го и општиот принцип дека ниту една група не може да има повеќе од една екипа од иста конфедерација, освен од Европа, која ќе биде претставена со 12 клуба, пишува ФИФА. Четири од осумте групи ќе имаат по два европски клуба. Други ограничувања ќе диктираат дека клубовите од иста земја не можат да бидат во иста група, сите од првиот барабан ќе бидат распределени на првата позиција од групата, а за потребите на распоредот, двата клуба од САД, Интер и Сиетл, автоматски ќе бидат распределени на четвртата позиција во групите А и Б. Интер Мајами ќе игра во воведниот меч на СП 2025.
Распоредот на натпреварите (стадион и време на почетокот) ќе биде објавен по ждрепката, имајќи предвид низа фактори, вклучувајќи спортски и критериуми насочени кон играчите, потоа за локалните и за патувачките гледачи, глобалното емитување… Н.М.


СОСТАВ НА БАРАБАНИТЕ

1: Манчестер сити (Англија), Реал Мадрид (Шпанија), Баерн (Германија), Пари сен Жермен (Франција), Фламенго (Бразил), Палмеирас (Бразил), Ривер Плата (Аргентина), Флуминенсе (Бразил)
2: Челси (Англија), Борусија Дортмунд (Германија), Интер (Италија), Порто (Португалија), Атлетико Мадрид (Шпанија), Бенфика (Португалија), Јувентус (Италија), Салцбург (Австрија)
3: Ал Хилал (Саудиска Арабија), Улсан (Јужна Кореја), Ал Ахли (Египет), Видад (Мароко), Монтереј (Мексико), Леон (Мексико), Бока јуниорс (Аргентина), Ботафого (Бразил)
4: Урава (Јапонија), Ал Аин (Обединети Арапски Емирати), Есперанс (Тунис), Мамелоди (Јужна Африка), Пачука (Мексико), Сиетл (САД), Окленд сити (Нов Зеланд), Интер Мајами (САД)

Извор: ФИФА