Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

По 25 години, Лига Европа (ЛЕ) ќе ја заокружи сезоната само со тимови што сезоната ја почнале во тоа натпреварување, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) реши повеќе да нема префрлање екипи од Лигата на шампионите (ЛШ) по комплетирањето на групната фаза, правило што беше воведено во 1999 година. До минатата сезона екипите што ќе беа третопласирани во групите на Лигата на шампионите во вториот дел од сезоната продолжуваа да играат во Лига Европа. Соодветно на таа измена на правилото, сезонава нема да има префрлање тимови и од Лига Европа во Конференциската лига.
Како и во ЛШ, и во ЛЕ наместо групна фаза, ќе има единствена лига со 36 екипи, секоја ќе игра со осум противници, по што најдобрите осум тима ќе играат во осминафиналето, како и победниците на плејофот во кој ќе настапат тимовите од деветтото до 24-то место.
Новата сезона на Лига Европа почнува денеска, а двојките за првото коло се: АЗ Алкмар – Елфсборг, Бодо Глимт – Порто (двете од 18.45 часот), Динамо Киев – Лацио, Митјиланд – Хофенхајм, Галатасарај – ПАОК, Манчестер јунајтед – Твенте, Ница – Сосиедад, Лудогорец – Славија Прага и Андерлехт – Ференцварош (сите од 21 часот). Утре играат: Фенербахче – Унион СГ, Малме – Ренџерс, Ајакс – Бешикташ, Рома – Атлетик Билбао, Ајнтрахт Франкфурт – Плзен, ФЦСБ – РФС, Лион – Олимпијакос, Брага – Макаби Тел Авив и Тотенхем – Карабах. Н.М.