Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Македонија има шанси и за директен пласман на СП 2026 и за освојување на второто место, кое носи играње во плејофот, во кој македонската репрезентација може да се пласира и преку Лигата на нациите. Според пласманот на ранг-листата на ФИФА во ноември, ќе се одредуваат составите на барабаните пред ждрепката за плејофот, а, според најавите, на сличен начин треба да бидат одредени и составите на барабаните за извлекувањето на групите на СП 2026

Македонската фудбалска репрезентација ремизира, 1-1, со Казахстан, дома, во седмиот натпревар од квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада и пред мечевите во ноември е на второто место во групата Ј, со 13 бода. Сега во таа група води Белгија, со 14 бода од шест средби и сама решава за директен пласман на СП 2026.
Црвено-жолтите имаат уште еден меч во овие квалификации, во ноември, на гости со Велс, кој е трет во групата со 10 бода од шест натпревари. Македонија има шанси и за директен пласман и за освојување на второто место, кое носи играње во плејофот, во март в година. Македонската репрезентација во плејофот може да се пласира и преку Лигата на нациите, каде што е еден од 14-те победници на групите. На планетарниот шампионат во 2026 година од Европа ќе се пласираат победниците на 12-те квалификациски групи, како и четири победници на плејофот, во кој ќе настапат 12-те второпласирани од квалификациите и четири од 14-те победници на групите минатата сезона на Лигата на нациите, а кои не се пласирале на првите две места во своите квалификациски групи.
Според пласманот на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во ноември, ќе се одредуваат составите на барабаните пред ждрепката за плејофот, а, според најавите, на сличен начин треба да бидат одредени и составите на барабаните за извлекувањето на групите на СП 2026. Македонија е на 63. место на септемвриската ранг-листа на ФИФА, октомвриската треба да биде објавена идната недела, а ноемвриската по завршувањето на сите квалификациски мечеви за настап на Светското првенство во 2026 година.

Директен пласман на СП 2026

За Македонија директно да се пласира на СП 2026 треба да го совлада Велс на гости, притоа Белгија да освои еден бод од двете свои преостанати средби, со Казахстан на гости и со Лихтенштајн дома, а ако освои два, тогаш би решавала вкупната гол-разлика во групата.
Според најавите, 48-те репрезентации што ќе играат на Мундијалот в година за ждрепката закажана за 5 декември во Вашингтон (САД) ќе бидат поделени во четири барабани, во секој треба да има по 12 селекции, па, така, домаќините и деветте највисокорангирани репрезентации треба да бидат во првиот барабан, следните 12 во вториот… Според досега пласираните селекции, вкупно 22, по мечевите во понеделникот, на септемвриската ранг-листа на ФИФА највисоко котира Аргентина, на третото место, пред Бразил на шестото…, а засега најнископласирана е репрезентацијата на Зелено’ртската Република, на 70. позиција. Според пласманите во квалификациските групи и потенцијалните учесници на Светското првенство, Македонија со директен пласман на Мундијалот би можела да биде во третиот или во четвртиот барабан пред извлекувањето на групите. На СП 2026 ќе има 12 групи со по четири селекции, од кои во следната рунда ќе се пласираат првите две репрезентации од секоја група и осум најдобри меѓу третопласираните.

Пласман во плејофот преку второто место во квалификациите

За освојување на второто место во квалификациската група Ј на црвено-жолтите ќе им треба реми на мечот со Велс, ако Велс претходно не го победил Лихтенштајн на гости со шест гола разлика. Во случај на таква висока победа на Велс, тогаш на Македонија за второто место во групата ќе ѝ треба победа на дуелот во Кардиф.
Второпласираните 12 репрезентации во квалификациските групи, пред ждрепката за плејофот ќе бидат распределени во три барабани, според пласманот на ноемвриската ранг-листа на ФИФА, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Според пласманот на ранг-листата објавена во септември и според тоа кои репрезентации се во трка за второто место во своите групи, Македонија би можела да биде во секој од трите први барабани за ждрепката за плејофот.
Во плејофот ќе се играат по еден полуфинален и финален натпревар. Предноста на селекциите од првиот и од вториот барабан е тоа што полуфиналните натпревари ќе ги играат дома, и тоа селекциите од првиот барабан против репрезентации од четвртиот, во кој ќе бидат селекции што во плејофот ќе се пласираат преку Лигата на нациите, а тие од вториот барабан ќе се сретнат со репрезентациите од третиот барабан.

Пласман во плејофот преку Лигата на нациите

Македонија, која е во низа од 14 официјални натпревари без пораз (осум победи и шест ремија во дуели од квалификации или во Лигата на нациите), победи во својата група, во лигата Ц, на Лигата на нациите, и може преку тоа натпреварување да обезбеди пласман во плејофот за настап на СП 2026 ако биде трета во групата Ј од квалификациите. Од 14-те победници на групите во лигите А, Б, Ц и Д, на Лигата на нациите, Македонија е на 11. место, што значи дека за да се пласира во плејофот, седум од 10-те подобропласирани победници на групите треба во квалификациите да освојат едно од првите две места во своите групи. По натпреварите во понеделникот на едно од првите две места се токму седум репрезентации, и тоа Шпанија, Германија, Португалија, Франција, Англија, Норвешка и Чешка, од кои првите шест се водечки во своите групи.
Репрезентациите што во плејофот ќе се пласираат преку Лигата на нациите во тоа доигрување ќе бидат сместени во четвртиот барабан, пишува Европската фудбалска унија. Тие полуфиналето на плејофот ќе го играат на гости. Домаќините на финалињата на плејофот ќе бидат одредени со посебна ждрепка. Н.М.


Зелено’ртската Република ќе дебитира на фудбалските мундијали

Репрезентацијата на Зелено’ртската Република првпат се пласира на светско првенство (СП), пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Зелено’ртската Република го освои првото место во групата Д во квалификациите во Африка. Земјата има нешто повеќе од 500.000 жители и стана втората најмалку населена земја што стигнала до светско првенство, по Исланд на СП 2018 во Русија, а во однос на површината, со нешто повеќе од 4.000 квадратни километри, Зелено’ртската Република е најмалата земја што се пласирала на СП, откако Тринидад и Тобаго претходно го држеше рекордот, од СП 2006 во Германија, пишува ФИФА.
На Мундијалот в година ќе играат рекордни 48 репрезентации, а по мечевите во понеделникот на СП 2026 се пласираа 22 селекции, и тоа домаќините Канада, Мексико и САД, потоа Австралија, Иран, Јапонија, Јордан, Јужна Кореја и Узбекистан од Азија, Нов Зеланд од Океанија, Аргентина, Бразил, Колумбија, Еквадор, Парагвај и Уругвај од Јужна Америка, Алжир, Египет, Гана, Мароко, Тунис и Зелено’ртската Република од Африка. Н.М.


ПЛАСМАН НА ПОБЕДНИЦИТЕ НА ГРУПИТЕ ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

РЕПРЕЗ. КВАЛИФ. ЗА СП 2026
1. Шпанија води во групата Е
2. Германија води во групата А
3. Португалија води во групата Ф
4. Франција води во групата Д
5. Англија води во групата К
6. Норвешка води во групата И
7. Велс трет во групата Ј
8. Чешка втора во групата Л
9. Романија трета во групата Х
10. Шведска четврта во групата Б
11. Македонија втора во групата Ј
12. Северна Ирска трета во групата А
13. Молдавија петта во групата И
14. Сан Марино петти во групата Х

пласманите во квалификациските групи се по мечевите во понеделникот, а редоследот на селекциите е според учинокот во Лигата на нациите


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

ГРУПА Ј
Македонија – Казахстан 1-1
Велс – Белгија 2-4

ТАБЕЛА
Белгија 6 4 2 0 21-6 14
Македонија 7 3 4 0 12-3 13
Велс 6 3 1 2 13-10 10
Казахстан 7 2 1 4 8-12 7
Лихтенштајн 6 0 0 6 0-23 0
Следни мечеви: Казахстан – Белгија, Лихтенштајн – Велс (двете на 15.11), Велс – Македонија, Белгија – Лихтенштајн (двете на 18.11).