Фото: ЕПА

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ, ВТОРА ГРУПНА ФАЗА

  • Франција е актуелен европски првак, Данска е светски и олимписки шампион, Германија олимписки вицешампион, Шпанија освојувач на олимписка бронза…

На 17. Европско првенство (ЕП) за ракометари во Данска, Норвешка и во Шведска се одиграа и третите, последни натпревари во групите А и Ц, по што се познати селекциите што се пласираа во втората фаза на ЕП. Така, во првата група во втората групна фаза ќе играат Франција (актуелен европски првак), Германија (олимписки вицешампион), Данска (олимписки и светски првак), Шпанија (освојувач на олимписка бронза), Норвешка (бронзена на ЕП 2020) и второпласираната селекција во групата Б, во која синоќа Македонија играше за пласман понатаму. Црвено-жолтите играа со Романија, а во таа група Данска, која веќе обезбеди понатамошен пласман на годинашното ЕП, се сретна со Португалија.
Во втората група од вториот дел на годинашниот континентален шампионат ќе играат Словенија (четврта на Летните олимписки игри во 2024 година), Исланд, Унгарија, Шведска (европски првак во 2022 година, освојувач на бронзен медал на ЕП 2024), Хрватска (актуелен светски вицешампион) и второпласираната репрезентација од групата Д (Фарски Острови или Швајцарија).
Од двете групи, во полуфиналето ќе играат првопласираните две репрезентации, а третопласираните ќе се сретнат во мечот за петтото место на ЕП 2026. Освојувачите на медали директно ќе се пласираат на Светското првенство в година.
По некомплетното трето коло на ЕП 2026, на листата на стрелците води Чехот Јонаш Јозеф со 25 гола од 27 шута (67,6 отсто) на три меча, втор е Украинецот Игор Турченко со 21 погодок од 36 шута (58,3) на три меча, трет е Португалецот Франциско Кошта со 20 гола од 28 шута (71,4 отсто) на два меча, а македонскиот капитен Филип Кузмановски е четврти со 19 гола од 28 шута (69,7 отсто) постигнати на два натпревара. Засега најмногу асистенции впиша Норвежанецот Сандер Сагосен, вкупно 18 на три натпревари. Најдобар голман е Норвежанецот Торбјорн Бергеруд со 34 одбрани од 98 удари (34,69 отсто), а македонскиот чувар на мрежата Мартин Томовски е на 22-то место со 12 одбрани од 44 шута (27,27), реализирани на два меча.
На ова Европско првенство е поставен и нов рекорд според бројот на постигнати голови на еден натпревар, а за тоа се погрижија селекциите на Словенија и на Црна Гора, кои во Осло (Норвешка) постигнаа вкупно 81 гол. Словенците славеа со 41-40. Досегашниот рекорд изнесуваше 77 погодока, на дуелот помеѓу Исланд и Белорусија, на ЕП во 2016 година, на кој победи Исланд со 39-38.
Тимски најефикасна репрезентација засега на ЕП 2026 е Франција со вкупно 126 гола од 182 шута (69,2 отсто), втора е Норвешка со 102 од 152 можни (67,1), а трета е Германија со 91 погодок од 145 удари (62,8), сите по три натпревари. Г.И.


ЕП 2026, ТРЕТО КОЛО

ГРУПА А: Австрија – Србија 26-25, Германија – Шпанија 34-32. Табела: Германија 4, Шпанија 4, Австрија 2, Србија 2.
ГРУПА Б: Синоќа играа Македонија – Романија, Данска – Португалија. Табела: Данска 4, Португалија 3, Македонија 1, Романија 0.
ГРУПА Ц: Чешка – Украина 38-29, Франција – Норвешка 38-34. Табела: Франција 6, Норвешка 4, Чешка 2, Украина 0.
ГРУПА Д: Синоќа играа Црна Гора – Швајцарија, Словенија – Фарски Острови. Табела: Словенија 4, Фарски О. 3, Швајцарија 1, Црна Гора 0.
ГРУПА Е: Резултати 2. коло: Холандија – Хрватска 29-35, Грузија – Шведска 29-38. Табела: Шведска 4, Хрватска 4. Холандија 0, Грузија 0. Денеска играат: Холандија – Грузија, Шведска – Хрватска.
ГРУПА Ф: Резултати 2. коло: Полска – Исланд 23-31, Италија – Унгарија 26-32. Табела: Исланд 4, Унгарија 4, Полска 0, Италија 0. Вчера играа: Полска – Италија, Норвешка – Исланд.