Фото: ЕПА

Сите осум клуба досега играле во финале на најсилното клупско натпреварување во Европа. Од годинашните четвртфиналисти, Астон вила беше во четвртиот барабан пред ждрепката за лигашката фаза, Арсенал во вториот, а другите шест тима во првиот…

ФУДБАЛ – ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ НА ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

Ланските финалисти во фудбалската Лига на шампионите останаа во трка за нов меч за европската титула, половина од четвртфиналистите меѓу осумте најдобри се пласираа преку плејофот, повратникот во најсилното клупско натпреварување, Астон вила, пред ждрепката беше во четвртиот барабан… Тоа е епилогот по возбудливото осминафинале на реформирана ЛШ, која досега донесе многу дерби-дуели, одлична ефикасност (3,22 гола по натпревар, втора најефикасна сезона откако натпреварувањето се игра како ЛШ, од 1992 година)… За влез во полуфиналето во април ќе играат Пари сен Жермен – Астон вила, Арсенал – Реал Мадрид, Барселона – Борусија Дортмунд и Баерн – Интер.
По дуелите во средата, Реал Мадрид продолжува да ја брани титулата, откако за пласман во четврт-финалето го победи на пенали градскиот ривал Атлетико, европскиот вицешампион Борусија Дортмунд со пресврт го совлада Лил, а Арсенал и Астон вила го потврдија пласманот по високите победи од првите натпревари на гости со ПСВ Ајндховен, односно со Клуб Бриж. Во четврт-финалето ќе играат четири тима што беа меѓу првите осум по лигашкиот дел и директно се пласираа во осминафиналето (Барселона, Арсенал, Интер и Астон вила). Другите четири тима (Борусија Дортмунд, Реал Мадрид, Баерн и Пари сен Жермен) претходно настапија во плејофот за пласман во осминафиналето. Сите осум тима досега играле во финале на ЛШ.
Во четврт-финалето ќе има тимови од Англија, Шпанија, Германија (по два), Франција и од Италија (по еден). Во тек е и трка за дополнителни места во ЛШ за идната сезона. Европската фудбалска унија (УЕФА) од лани ги вреднува сите резултати и пласмани во секоја рунда на сите клубови во трите европски купа, ЛШ, Лига Европа и Конференциската лига. Двете најуспешни земји за следната сезона ќе добијат по едно дополнително место во ЛШ. Според таа табела сезонава во ЛШ играа Болоња (Италија) и Борусија Д. (Германија), а по мечевите во средата во водство се Англија (коефициент 23,035) и Шпанија (20,892), а потоа се Италија (19,375), Германија (17,546)…

ШЕСТ ТИМА И ЛАНИ БЕА МЕЃУ ОСУМТЕ НАЈДОБРИ

Шест од осумте четвртфиналисти сезонава во ЛШ беа меѓу најдобрите осум тима и во минатата сезона. Тоа се Арсенал, Баерн, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид, Пари сен Жермен и Барселона. Од нив, Баерн шести пат во низа е во четврт-финалето, а Реал Мадрид петти пат. Од годинашните четвртфиналисти, Астон вила беше во четвртиот барабан пред ждрепката за лигашката фаза, Арсенал во вториот, а другите шест тима во првиот. Од екипите што ќе играат меѓу себе за четврт-финалето, Барселона и Борусија се сретнаа сезонава, во шестото коло (Барселона победи на гости со 3-2).

ВОДЕЧКИТЕ СТРЕЛЦИ ОСТАНАА ВО ИГРА ЗА „ЗЛАТНАТА КОПАЧКА“

Продолжува и трката за најдобар стрелец сезонава во ЛШ. Водечките четворица со своите клубови се пласираа во четврт-финалето. На таа табела првопласиран е Рафиња (Барселона) со 11 гола, по еден помалку имаат Серху Гираси (Борусија Д.) и Хари Кејн (Баерн), а девет погодока постигна Роберт Левандовски (Барселона). Од нив досега „златната копачка“ за најдобар стрелец во една сезона во ЛШ ја освоија Левандовски, во сезоната 2019/2020, и Кејн, кој лани ја подели наградата со Килијан Мбапе (Реал Мадрид), кој, пак, сезонава досега постигна седум гола. Н.М.


ФУДБАЛ

Само Барселона е во трка за тројна меѓународна круна

Шпанскиот фудбалски клуб Барселона единствен остана во конкуренција за трофеите во Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи и за жени и во Младинската лига на Европската фудбалска унија (УЕФА). Во сите натпреварувања на ред се четврт-финалињата, а ривалите на трите тима на Барселона се од Германија. Така, фудбалерите ќе играат со Борусија Дортмунд, фудбалерките ќе се сретнат со Волфсбург, а во младинската лига на УЕФА Барселона ќе игра со Штутгарт. По две екипи во овие три фудбалски натпреварувања имаат Интер (сениори и младинци), Арсенал, Баерн, Реал Мадрид (сениори и сениорки) и Манчестер сити (сениорки и младинци). Н.М.


ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

Барселона – Бенфика 3-1 (1-0)
Интер – Феенорд 2-1 (2-0)
Ливерпул – ПСЖ 0-1 (1-0)
на пенали 1-4
Баер – Баерн 0-2 (0-3)
Лил – Борусија Д. 1-2 (1-1)
Астон в. – Клуб Бриж 3-0 (3-1)
Атлетико М. – Реал М. 1-0 (1-2)
на пенали 2-4
Арсенал – ПСВ 2-2 (7-1)
во заградите се резултатите од првите натпревари

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. ПСЖ – Астон вила
2. Арсенал – Реал Мадрид
3. Барселона – Борусија Д.
4. Баерн – Интер
мечевите се од 8 до 16 април

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 2 – Победник 1
Победник 3 – Победник 4