Има само два бода разлика помеѓу тимовите на четвртото и на осмото место (од другите четири најдобри домашни првенства во Европа, најмала е разликата во Германија, пет бода), потоа пет бода помеѓу екипата на четвртото и клубот на 10-то (во Германија седум), како и 10 бода помеѓу третиот и 11-от тим (12 во Германија)
ФУДБАЛ – НАЈДОБРИ ПЕТ ПРВЕНСТВА ВО ЕВРОПА
Повеќе тимови од кога било се во игра за пласман меѓу првите четири екипи во англиската фудбалска Премиер-лига, што ќе доведе до голема трка во овој дел од сезоната за обезбедување место во европските купови, пишува британски „Индепендент“. Првите четири места носат пласман во Лигата на шампионите (ЛШ).
До крајот на сезоната во англиската Премиер-лига има уште 12 кола. Ваквата тесна трка е невообичаена за модерната ера и повеќе личи на лига од 1990-тите или порано, пишува „Индепендент“.
Во однос на разликата во бодови, има само два помеѓу тимовите на четвртото и на осмото место (од другите четири најдобри домашни првенства во Европа, најмала е разликата во Германија, пет бода), потоа пет бода помеѓу екипата на четвртата и клубот на 10-та позиција (во Германија седум бода), како и 10 бода помеѓу третиот и 11-от тим на премиерлигашката табела (12 бода разлика во Германија).
Голем дел од табелата во Премиер-лигата може да се преврти од резултатот на еден натпревар. Тоа е уште поизразено во средината на неделава, кога многу тимови се среќаваат меѓу себе. На табелата по 26-то коло води Ливерпул со 64 бода (одигра еден натпревар повеќе), а потоа следуваат Арсенал со 53, Нотингем форест со 47, Манчестер сити и Њукасл со по 44, Борнмут и Челси со по 43, Астон вила со 42 (меч повеќе), Брајтон со 40, Фулам со 39, Брентфорд со 37 бода, итн.
Моментално Англија е на првото место на рангирањето на Европската фудбалска унија (УЕФА) за сезонава, од која најдобрите две земји ќе добијат уште по едно место во Лигата на шампионите во идната сезона, според резултатите на сите клубови во сите три европски клупски натпреварувања, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига.
Тоа ја прави трката во Премиер-лигата сезонава уште поинтересна. Според правилата, првите четири места во англискиот шампионат носат пласман во Лигата на шампионите, тимот на петтото место ќе игра во Лига Европа, каде што ќе настапи и победникот на ФА-купот, а шестото место на табелата носи учество во плејофот на Конференциската лига. Н.М.