Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – САД

  • Канзас сити карент во септември го освои трофејот за шампион на регуларната сезона во НВСЛ, како клуб што најбрзо во историјата на лигата го освои тој пехар, на пет кола пред крајот на регуларниот дел од сезоната, пишува НВСЛ

Националната женска фудбалска лига (НВСЛ) на САД објави дека тренерот на Канзас сити карент, Влатко Андоновски, е прогласен за тренер на месецот, за септември. Тимот на македонскиот стручњак, Канзас сити, продолжи со одот по победничките патеки во септември. Со Андоновски на чело, тоа беше историски месец кога Канзас сити карент го освои трофејот за шампион на регуларната сезона во НВСЛ во 21. коло, со што Канзас сити стана клубот што најбрзо во историјата на лигата го освои тој пехар, правејќи го тоа на пет кола пред крајот на регуларниот дел од сезоната, пишува Националната женска фудбалска лига. Андоновски третпат сезонава е прогласен за тренер на месецот, откако претходно признанието го освои и во јуни и во август, според податоците на интернет-страницата на Националната женска фудбалска лига.
Покрај активната серија од 15 натпревари без пораз, Канзас сити карент постави нов рекорд за последователни минути без примен гол, држејќи ја мрежата незатресена 870 минути. Тимот на Андоновски е единствениот што останува непоразен дома, а со вкупно 18 победи екипата е на само еден чекор од поставување нов рекорд во лигата во една сезона, пишува НВСЛ.
Канзас сити карент сезонава освои 56 бода за нов клупски рекорд во една сезона, а Андоновски, кој е првиот тренер во историјата на Националната женска фудбалска лига што во повеќе сезони освоил барем 50 бода, досега освои две титули во НВСЛ и двапати беше прогласен за тренер на годината во Националната женска фудбалска лига, пишува Канзас сити карент на својата интернет-страница.
Тренер на месецот во НВСЛ го избира Медиумската асоцијација на Националната женска фудбалска лига, во која се новинари што постојано ги следат лигата и екипата на НВСЛ, која се емитува во живо. Н.М.