Фото: ЕПА

Меѓу клубовите што ќе добијат дел од 209-те милиони долари по СП 2022 се голем број клубови од понизок ранг, вклучувајќи 78 второлигаши, 13 третолигаши, пет клуба од четврти и еден од петти ранг. Според најавите, пари ќе добијат клубовите чии членови се играчите, како и клубовите во кои овие фудбалери биле регистрирани во двете години пред СП. „Клупскиот фудбал игра клучна улога во фудбалскиот екосистем и Програмата за клупски придобивки ни дава одлична можност да ги поддржуваме клубовите“, рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино

ПРОГРАМА ЗА КЛУПСКИ ПРИДОБИВКИ НА ФИФА

Вкупно 440 клуба од 51 земја-членка во сите шест конфедерации на Светската фудбалска федерација (ФИФА) ќе имаат корист од Програмата за клупски придобивки на ФИФА, со тоа што ќе добијат дел од приходите за ослободување на играчите за учество на ланското Светско првенство (СП) во Катар.
Програмата на ФИФА е дел од меморандумот за разбирање помеѓу ФИФА и Европската клупска асоцијација (ЕЦА), кој неодамна беше продолжен до 2030 година.
Меѓу 440-те клуба од целиот свет што ќе добијат дел од средствата по Светското првенство голем број се клубови од понизок ранг, вклучувајќи 78 второлигаши, 13 третолигаши, пет клуба од четврти и еден од петти ранг на натпреварување.
Светската фудбалска федерација ќе подели вкупно 209 милиони долари за 837-те фудбалери што беа во составите на репрезентациите на СП 2022, со заокружена дневна сума по фудбалер од 10.950 долари, без оглед на тоа колку минути тие играле за време на турнирот, објави ФИФА. Според новиот меморандум за соработка, потпишан претходно годинава од Светската фудбалска федерација и Европската клупска асоцијација, вкупно 355 милиони долари ќе им бидат распределени на клубовите во рамките на програмата за светските фудбалски првенства во 2026 и во 2030 година.

Вкупниот износ по играч се дели и се дистрибуира на клубовите чии членови се играчите, како и на клубовите во кои овие играчи биле регистрирани во двете години пред Светското фудбалско првенство, пишува во извештајот на ФИФА.
Според стандардната процедура, ФИФА ќе ги распределува сумите преку соодветните асоцијации членки. Според извештајот на Светската фудбалска федерација, пари ќе примат 275 клуба од Европа (вкупно 158,9 милиони), 67 од Азија (23,78), 53 од Северна Америка (15,45), 26 од Јужна Америка (5,84), 18 од Африка (4,57) и еден од Океанија (околу 95 илјади). Од Европа најмногу пари ќе добијат англиските клубови (околу 37,7 милиони), потоа шпанските (24,2), германските (21)…, а од клубовите Манчестер сити, Барселона (по околу 4,5), Баерн (околу 4,3)…
– Програмата за клупски придобивки на ФИФА е јасен пример за тоа како Светското првенство има позитивно влијание врз клупскиот фудбал низ светот. СП во Катар не беше само врв во кариерата за многу играчи туку и најуспешниот Мундијал досега и оној што ќе придонесе за развој на фудбалот во сите краеви на планетата. Клупскиот фудбал игра клучна улога во фудбалскиот екосистем и Програмата за клупски придобивки на ФИФА ни дава одлична можност да ги поддржуваме клубовите – рече претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Н.М.