Фото: ЕПА

Вечерва ПСЖ игра дома со Борусија Дортмунд, која по првата средба води со 1-0, а утре е дуелот Реал – Баерн, кој по првите 90 минути е израмнет, 2-2. Финалето е предвидено да се игра на стадионот „Вембли“, во Лондон

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Пари сен Жермен и Борусија Дортмунд вечерва (почеток на натпреварот во 21 часот) ќе го одлучат првиот учесник во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) сезонава. По првата средба минатата недела, Борусија води со 1-0. Вториот финалист во ЛШ ќе биде познат утре, по средбата Реал Мадрид – Баерн (нерешено, 2-2, беше на натпреварот одигран во Минхен, минатата недела).
Финалето е предвидено да се игра на стадионот „Вембли“, во Лондон. Екипата од Париз е во трка по нов настап во меч за европската титула, по тој во 2020 година.
– Резултатот отсликува колку беше тесен мечот. Тоа е нова ситуација за двата тима. Во претходните две рунди тие го имаа домашниот натпревар како втор натпревар, а за нас беше обратно. Сега ќе ја имаме публиката на наша страна во реваншот, се разбира, ќе мораме да бидеме поефикасни отколку што бевме во Дортмунд – рече Луис Енрике, тренер на Пари сен Жермен, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Тимот од Дортмунд, европски првак од 1997 година, досега играше во две финалиња за континенталната титула, а сега игра за пласман во своето прво финале по 2013 година.
– Треба да го заработите патот до Вембли. Сега ни треба само реми во реваншот, но сакаме и да победиме. Имаме мало водство и добра можност – изјави Един Терзиќ, тренер на Борусија Дортмунд, пренесе УЕФА.
Реал Мадрид е најтрофејниот клуб досега во ова натпреварување, со 14 европски титули и има најмногу учества во финалињата, вкупно 17.
– Ние сме во одлична позиција во лигата и во ова полуфинале, сега треба да дадеме сѐ за да стигнеме до „Вембли“ – ја пренесе УЕФА изјавата на тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти.
Баерн е шесткратен европски шампион, а игра за настап во своето 12-то финале.
– Ситуацијата сега е јасна. Победа во Мадрид и пат на „Вембли“. За мене ова уште е натпревар 50-50. Да видиме што ќе се случи – рече за УЕФА Томас Тухел, тренерот на Баерн. Н.М.


ЛШ, ПОЛУФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

ПСЖ – Борусија Д. 21 ч. (0-1)
Реал М. – Баерн утре, 21 ч. (2-2)

во заградите се резултатите од првите мечеви