Фото: „Нова Македонија“

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лос Анџелес во 2028 година во понеделникот изјавија дека регистрацијата за првото извлекување на билети ќе заврши денеска, бидејќи Игрите почнуваат да се оформуваат со потврдување на првите квалификанти во бејзбол и проширување на распоредот на фудбалските турнири, пишува агенцијата „Ројтерс“.
Повеќе од пет милиони гледачи од 197 земји и територии се регистрирале од јануари за шанса да купат билети, соопштија организаторите, нагласувајќи ја силната рана побарувачка за ЛОИ 2028. Тие што ќе се регистрираат до крајниот рок денеска ќе имаат право на лотарија за да добијат можност за купување на првиот дел од билетите (ќе можат да купат до 12 билети за олимписките настани, во зависност од достапноста, со ограничување од четири билети за секоја од церемониите на отворање и затворање), закажано за април, пишува „Ројтерс“. Исто така, ќе има локална претпродажба што ќе трае од 2 до 6 април.
Ажурирањето за билетите доаѓа откако првите тимови резервираа места на олимпискиот турнир во бејзбол преку Светскиот класик за бејзбол годинава. Доминиканската Република и Венецуела обезбедија места од Америка, придружувајќи им се на домаќините САД на турнирот со шест екипи, пишува „Ројтерс“. Бејзболот, еден од спортовите додадени во програмата на ЛОИ 2028, ќе се врати на ЛОИ по Игрите во Токио. Другите три места ќе бидат одредени преку меѓународни квалификациски турнири во 2027 и во 2028 година. Олимпискиот фудбалски турнир ќе почне на 10 јули, четири дена пред церемонијата на отворање на Игрите, по одлуката на Извршниот одбор на Интернационалниот олимписки комитет за продолжување на периодот на натпреварување. Организаторите рекоа дека подолгиот распоред ќе им даде на тимовите два дополнителни дена за одмор во споредба со претходните Игри, пишува „Ројтерс“. Н.М.