Од осминафиналистите во Лигата на шампионите, сезонава неколку тима влегуваат во неделата на реваншите во најсилното европско клупско натпреварување со шанси за тројна круна сезонава (освојување на трофеите во Лигата на шампионите и во домашните натпреварувања, првенството и во куповите)

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

По вечерашните четири реванш-натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), ќе биде формирана и првата четвртфинална двојка, во која ќе се сретнат вкупните победници на дуелите Баер – Баерн односно Интер – Феенорд.
Во првите мечеви од осминафиналето, одиграни минатата недела, Баерн победи дома со 3-0, а Интер славеше на гости со 2-0. Вечерва на програмата се и средбите Ливерпул – Пари сен Жермен (1-0 во првиот натпревар) и Барселона – Бенфика (1-0).
Преостанатите четири реванш-средби од осминафиналето на Лигата на шампионите се играат утре, од кои само во дуелот Лил – Борусија Дортмунд ниту еден тим нема предност по првиот натпревар, откако тој заврши нерешено, 1-1, а најголема предност пред возвратен дуел има Арсенал, кој минатата недела победи на гости кај ПСВ Ајндховен со 7-1. Утре се игра и мадридското дерби Атлетико – Реал (1-2 во првиот меч), како и средбата Астон вила – Клуб Бриж (3-1).
Од осминафиналистите во Лигата на шампионите, сезонава неколку тима влегуваат во неделата на реваншите во најсилното европско клупско натпреварување со шанси за тројна круна сезонава (освојување на трофеите во Лигата на шампионите и во домашните натпреварувања, првенството и во куповите).
Така, Ливерпул има можност за трофеен хет-трик сезонава, откако е во осминафиналето на Лигата на шампионите, води во англиската фудбалска Премиер-лига и е во финалето на Лига-купот на Англија (за трофејот ќе игра со Њукасл).
Атлетико Мадрид, Реал Мадрид и Барселона се меѓу 16-те најдобри тимови во Европа сезонава, се пласираа во полуфиналето на Купот на Шпанија и играат за титулата во првенството на таа земја (Барселона и Реал Мадрид имаат по 57 бода, а Атлетико досега освои 56).
Баер од Леверкузен, исто така, уште е вклучен во трката за два трофеја во Германија, второпласиран е во првенството зад Баерн и е во полуфиналето на Купот на Германија (игра со Арминија).
Интер и Пари сен Жермен, покрај тоа што се во осминафиналето на Лигата на шампионите, се водечки екипи во шампионатите на Италија, односно на Франција, и се пласираа во полуфиналињата на куповите на тие земји (Интер ќе се сретне со Милан, а ПСЖ со Данкерк). Бенфика е второпласирана во првенството на Португалија и ќе настапи во полуфиналето на Купот на таа земја, а Клуб Бриж е второпласиран во домашниот шампионат и ќе игра во финалето на Купот на Белгија. Н.М.


ЛШ, ОСМИНАФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

ДЕНЕСКА
1. Барселона – Бенфика 18.45 ч. (1-0)
2. Интер – Феенорд 21 ч. (2-0)
3. Ливерпул – ПСЖ 21 ч. (1-0)
4. Баер – Баерн 21 ч. (0-3)
УТРЕ
5. Лил – Борусија Д. 18.45 ч. (1-1)
6. Астон в. – Клуб Бриж 21 ч. (3-1)
7. Атлетико М. – Реал М. 21 ч. (1-2)
8. Арсенал – ПСВ 21 ч. (7-1)
во заградите се резултатите од првите мечеви

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник 8 – Победник 7
Победник 3 – Победник 6
Победник 1 – Победник 5
Победник 4 – Победник 2