Фото: Маја Јаневска Илиева

Во редовите на Вардар и на Струга Трим Лум владее оптимистичка атмосфера пред утрешното финалето од фудбалскиот Куп на Македонија.

Шефот на стручниот штаб на Струга, Илчо Ѓорѓиоски, ја препушта фаворитската улога на „црвено-црните“ но тоа не значи откажување од вредниот трофеј.

– Струга е релативно млад клуб, во своето постоење има две титули и загубено финале на Купот. Сега имаме втора шанса, сакаме да го донесеме трофејот во Струга. Како тим дефинитивно сме подготвени, желни и мотивирани за утрешниот натпревар. Имаме доволен број на квалитетни и искусни фудбалери кои знаат да се носат со предизвикот. Вардар е фаворит на утрешниот натпревар. Многу го ценам овој клуб, како играч и тренер освојував титули, тоа е мој клуб. Сепак, дефинитивно сакам да победам во ова финале. Вардар ќе игра пред свои навивачи, ама ние сме подготвени да одговориме на секој предизвик. Ќе влеземе во средбата за да ја добиеме. Вардар е анализиран. тие направија конкурентен тим и низа победи, па имаат максимален респект од наша страна. Знаеме што сакаме и како треба да ја достигнеме зацртаната цел – изјави Ѓорѓиоски.

Предводникот на Вардар, Гоце Седлоски очекува тешка битка и максимално залагање на неговите фудбалери.

-Пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше првак. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам и утре. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има доста публика во Скопје. Ова е финале, двата тима мора да се фокусирани на својата игра. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил – потенцира Седлоски.

Натпреварот ќе се игра утревечер од 20 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.