ФУДБАЛ

Велика Британија и Ирска треба да се фокусираат на добивање организација на Европското првенство (ЕП) во 2028 година и да се откажат од „суетниот проект“ да бидат домаќини на Светското првенство (СП) во 2030 година, изјави првиот човек на Комитетот за култура, медиуми и спорт, Џулијан Најт, пишува весникот „Индепендент“. Претходно весникот „Тајмс“ објави дека петте фудбалски асоцијации се подготвени да се откажат од плановите да се кандидираат за СП на 100-годишнината од првото во 1930-та во Уругвај и, наместо тоа, да го префрлат фокусот на ЕП 2028.
– Сите знаат дека кандидатурата за СП е огромен, скап, суетен проект. Ние би можеле да бидеме домаќини на таков турнир, но имаме огромни проблеми со репутацијата на меѓународните натпревари. Затоа треба да се насочиме кон нешто што може реално да се постигне, да го отфрлиме „ние сме домот на фудбалот“, да го реформираме нашиот фудбал и да се фокусираме на добивање и на организирање успешно ЕП – вели Најт, кој идејата за кандидатура за СП 2030 ја опиша како „целосна глупост“ во ноември минатата година, откако кандидатурите за домаќин на СП 2006 и 2018 година завршија неуспешно.
УЕФА минатата година објави дека заинтересираните за домаќини на ЕП 2028 треба да ја потврдат заинтересираноста до 23 март, а понудувачите ќе бидат објавени на 5 април. Постојат големи шанси бројката на репрезентации на ЕП да се зголеми од 24 на 32. ФИФА во првата половина од годинава треба да ги потврди прописите за кандидатура за СП 2030, а одлуката за тоа кој ќе биде домаќин на тоа СП треба да биде донесена на конгресот во 2024 година, пишува „Индепендент“.