Унион Берлин е осамен лидер по шест кола, нема пораз во Бундеслигата на 13 меча во низа, а ја има и најдобрата одбрана во лигата сезонава. И покрај успесите, тренерот Фишер и капитенот Тримел, сепак, велат дека целта сезонава е да се избегне испаѓање
ФУДБАЛ
Унион Берлин првпат неделава ужива во глетката од врвот на германската фудбалска Бундеслига.
– Ќе дојдат други времиња, но дозволете ни да уживаме во моментот – напиша клубот на Твитер, откако неделната победа со 1-0 во Келн го крена тимот на врвот во германската лига по шест кола, пишува агенцијата АП.
Можеби имајќи предвид дека тоа можеби нема да трае, приврзаниците на клубот долго славеа по последниот судиски свиреж, пеејќи „лидери во лигата, лидери во лигата“ и „само ФЦУ ќе биде германски шампион“, откако раниот автогол на дефанзивецот на Келн, Тимо Хуберс беше доволен за четврта победа сезонава на скромниот клуб, пишува АП. Келн претходно беше непоразен. Унион Берлин ремизира со десеткратниот првак во низа Баерн во претходниот меч, постигна осум гола во двете победи, на дуелите со Шалке и со Лајпциг, а сезоната ја почна со победа со 3-1 над градскиот ривал Херта. Победата над Келн ја зголеми низата на Унион Берлин без пораз во Бундеслигата на 13 натпревари, вклучувајќи ја и минатата сезона, а со четири примени гола водечкиот тим ја има најдобрата одбрана во лигата сезонава. Но Урс Фишер, тренерот на Унион Берлин, не гледа на позицијата на неговиот тим на табелата.
– Навивачите можат соодветно да слават. Јас гледам на целата работа малку поинаку. Кога ја гледам табелата, особено сум среќен поради 14-те бода. Тие ни помагаат. Уште се пред нас тешки недели со натпревари во средината на неделата. Исто така, сигурно ќе има моменти што нема да поминат толку добро – рече Фишер.
На навивачите не им пречи. Тие мораат да се вратат во сеќавања во 1970 година, за да се сетат кога Унион Берлин беше на врвот по првиот натпревар од Оберлигата, источногерманската лига, а Унион Берлин беше прв во таа лига само еднаш претходно, по седмото коло од сезоната 1967/1968. Клубот е единствениот што сега игра во Бундеслигата, а кој играл и во некогашната источногерманска лига, пишува АП. Унион Берлин влезе во Бундеслигата дури во 2019 година и одговори на предизвиците, заврши на 11-то место во првата сезона, потоа на седмото, а минатата сезона беше петти и се пласира во Лига Европа. И покрај успесите, Фишер и капитенот на тимот Кристофер Тримел, сепак, велат дека целта сезонава е да се избегне испаѓање, пишува АП.