ФУДБАЛ

Наградниот фонд за земјите учеснички значително ќе се зголеми за Европското првенство (ЕП) за фудбалерки в година, при што играчите првпат ќе добијат гарантиран процент од наградите, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Извршниот комитет на УЕФА го одобри наградниот фонд од 41 милион евра, што е зголемување од 156 отсто во однос на ЕП 2022 и пет пати повеќе од ЕП 2017. Плаќањата за клубовите ќе се зголемат на шест милиони евра, за компензирање на европските клубови што ги ослободуваат фудбалерките за турнирот.
Сите 16 селекции ќе добијат по 1,8 милион евра за учество на ЕП, а тоа е 70 проценти од вкупно доделените парични награди. Преостанатите 30 отсто се бонуси за резултати, при што репрезентациите добиваат 50.000 евра за реми и 100.000 евра за победа во групната фаза и скалести бонуси за секоја нокаут-фаза, пишува УЕФА. Максималната награда за победникот на ЕП е 5,1 милиони евра (на ЕП 2022 секоја репрезентација доби 600.000 евра фиксна сума, а победникот нешто повеќе од два милиони евра), пишува УЕФА.
Фудбалерките исто така ќе бидат наградени за нивните настапи на ЕП 2025 со гарантиран дел од паричната награда што ја добива нивната национална асоцијација. Секоја национална асоцијација учесничка мора да одвои помеѓу 30 и 40 проценти за своите фудбалерки од вкупните добиени награди, а за селекциите што ќе стигнат до нокаут-фазата се препорачува на играчите да им бидат распределени помеѓу 35 и 40 отсто од вкупната заработка, пишува УЕФА. Н.М.