Европското првенство во 2028 година треба да се игра во Англија, Шкотска, Велс и во Република Ирска, а околу три милиони билети ќе бидат достапни за гледачите, пишува Европската фудбалска унија
ФУДБАЛ
Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе го одржи својот следен состанок во Билбао (Шпанија), в среда, пред финалето на Лига Европа помеѓу Тотенхем и Манчестер јунајтед истата вечер во тој град. Главните точки на дневниот ред на седницата на Извршниот комитет се форматот за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2028 година, програма за бенефиции на клубовите за принципите на дистрибуција за периодот од 2024 до 2028 година, правилата за натпреварување за европските првенства до 17 и до 19 години за сезоната 2025/2026 за фудбалери и за фудбалерки, правилата за Суперкупот за сезоната 2025/2026…, пишува Европската фудбалска унија, која објави и дека е одложено донесувањето одлука за назначувањето домаќини на финалињата на Лигата на шампионите во 2027 година, до следниот состанок на Извршниот комитет на УЕФА во септември.
Европското првенство во 2028 година треба да се игра во Англија, Шкотска, Велс и во Република Ирска, а заедничката понуда беше избрана од Извршниот комитет на УЕФА во 2023 година. Десет стадиони ќе бидат домаќини на натпреварите, меѓу кои „Вембли“ во Лондон, „Хампден парк“ во Глазгов, „Даблин арена“ во Даблин и „Националниот стадион“ во Велс, а околу три милиони билети ќе бидат достапни за гледачите, пишува Европската фудбалска унија.
Од 2016 година на европските првенства играат по 24 репрезентации. Во квалификациите за ЕП 2024 имаше 10 групи со по пет или шест репрезентации, од кои првопласираните две директно се пласираа на континенталниот шампионат што се играше во Германија, а за преостанатите три места се играше плејоф со репрезентации што доигрувањето го обезбедија низ Лигата на нациите. На ЕП 2024 имаше шест групи, а во осминафиналето се пласираа по две првопласирани од секоја група и четири најдобри меѓу селекциите на третите места во групите.
Лани УЕФА објави дека за ЕП 2028 има нов консолидиран формат за квалификации, со 12 групи од по четири или пет селекции што играат меѓу себе дома и на гости, победниците на групите директно ќе се пласираат за ЕП 2028, а второпласираните или директно или ќе учествуваат во плејоф-натпреварите со селекции од Лигата на нациите. Н.М.