ФУДБАЛ
- Како и претходните години, навивачите на финалистите и пошироката јавност ќе добијат поголем дел од билетите, пишува УЕФА
Продажбата на билети за сите четири претстојни финалиња на клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија (УЕФА) е отворена преку интернет-страницата на УЕФА. Како и претходните години, навивачите на финалистите и пошироката јавност ќе добијат поголем дел од билетите, а влезниците за пошироката јавност нема да се продаваат по принципот „прв дојден, прв услужен“, туку преку лотарија што ќе се спроведе по завршувањето на периодот за аплицирање, пишува УЕФА.
За финалето на Лига Европа на 20 мај во Истанбул цените се од 40 до 240 евра, за финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки на 23 мај во Осло влезниците чинат од 20 до 70 евра, за финалето на Конференциската лига на 27 мај во Лајпциг од 25 до 190 евра, а за финалето на ЛШ за фудбалери на 30 мај во Будимпешта билетите се од 70 до 950 евра.
Сите влезници за финалето на ЛШ за фудбалери во Будимпешта се замрзнати по истите цени од минатогодишниот финален натпревар, а трета година по ред најевтините влезници се со иста цена, пишуваат европски медиуми.
– За финалето на ЛШ за фудбалери повеќе од 40 отсто од капацитетот на стадионот ќе им биде понуден на финалистите во најприфатливите категории, т.е. „Навивачите на прво место“ и категоријата 3. За финалето на ЛШ за фудбалерки повеќе од 60 проценти од билетите се достапни за 40 евра или помалку. Ова ја одразува континуираната посветеност на УЕФА да соработува со клубовите и со организациите на навивачи за да се осигури дека европските настани остануваат достапни за гледачите – пишува УЕФА.
Процесот на продажба и распределба на билети резервирани за финалистите ќе биде координиран директно со засегнатите клубови. Преостанатите билети надвор од распределбата за финалистите и за пошироката јавност се наменети за локалната организациска структура, националните земји членки на УЕФА, комерцијалните партнери, радиодифузерите и поширокото фудбалско семејство на УЕФА, пишува УЕФА.
– УЕФА воведува дополнителни мерки за намалување на ризикот од неовластена препродажба за финалињата во 2026 година. Како дел од процесот на лотарија, кандидатите ќе бидат рангирани, а избраните кандидати потоа мора да ја преземат апликацијата UEFA Mobile Tickets и да се регистрираат со мобилниот телефон што ќе го користат за да влезат на стадионот за да останат во процесот на лотарија. Успешните кандидати потоа мора да го користат овој регистриран мобилен телефон за пристап до стадионот на денот на натпреварот, бидејќи билетот на купувачот нема да биде пренослив. Во согласност со овие одредби за непреносливост, купувачите на билети што не се во можност да присуствуваат можат да ги препродадат своите билети по номинална вредност преку официјалната платформа за препродажба на УЕФА, без да се применуваат провизии за продавачи. Пристап до купување билети за препродажба ќе им биде даден исклучиво на одбрани гледачи што не успеале во лотаријата – пишува УЕФА. Н.М.
ВЛЕЗНИЦИ ЗА МЕЧЕВИТЕ ЗА ТРОФЕИТЕ ВО ЕВРОПСКИТЕ КУПОВИ
ФИНАЛИЊА ЦЕНИ НА БИЛЕТИ
Лига Европа, 20 мај, Истанбул од 40 до 240 евра
Лига на шампиони, жени, 23 мај, Осло од 20 до 70 евра
Конференциска лига, 27 мај, Лајпциг од 25 до 190 евра
Лига на шампиони, мажи, 30 мај, Будимпешта од 70 до 950 евра
Извор: УЕФА
































