Новиот формат бара нов концепт за извлекување, што значи дека ќе има измени на ждрепките за трите фудбалски купа, Лигата на шампионите, Лига Европа и Конференциската лига, кои ќе бидат влечени на 29 и на 30 август. За ЛШ, на пример, сите 36 клуба ќе бидат рачно извлечени со помош на физички топки, а потоа софтвер по случаен избор ќе одреди осум противници од четирите барабани, но тој дел од ждрепката ќе има некои ограничувања
ФУДБАЛ
Во пресрет на сезоната со 36 клуба што ќе учествуваат во новосоздадената лигашка фаза (поранешна групна фаза) во Лигата на шампионите (ЛШ), четири повеќе отколку досега, Европската фудбалска унија (УЕФА) ја најави и новата, компјутерска ждрепка, која треба да се одржи на 29 август. Според новиот формат, тимовите ќе играат осум натпревари против осум екипи наместо со по три екипи по двапати како што беше досега со групната фаза.
За да се одредат осумте различни противници, тимовите ќе бидат распоредени во четири барабани, врз основа на нивниот индивидуален клупски коефициент во почетокот на сезоната (единствен исклучок е актуелниот шампион во Лигата на шампионите, кој секогаш е прв носител во првиот барабан), пишува Европската фудбалска унија.
Секоја екипа потоа ќе добие два противника од секој барабан, од кои еден натпревар ќе биде дома и еден на гости. Истото тоа ќе важи и за Лига Европа, а за Конференциската лига секоја екипа ќе се соочи со шест противници, по еден од шесте барабани.
Тој дел од ждрепката ќе има некои ограничувања. Во лигашката фаза екипите не можат да играат против клубови од својата земја и можат да бидат извлечени да се сретнат со најмногу два тима од иста земја, пишува УЕФА.
Новиот формат бара нов концепт за извлекување. Ако стариот концепт на ждрепка за групната фаза се примени на новиот формат на фазата на лигата, ќе бидат потребни речиси 1.000 топчиња, со најмалку 36 сада на сцената, што ќе резултира со неподносливо долга ждрепка, пишува Европската фудбалска унија.
Сите 36 клуба ќе бидат рачно извлечени со помош на физички топки. За секој тим што е рачно извлечен, автоматски софтвер по случаен избор ќе одреди осум противници од четирите барабани, кои ќе бидат откриени на екранот во салата за извлекување и на телевизија. Софтверот ќе одлучува и кои натпревари ќе бидат дома, а кои на гости.
Ждрепката ќе почне со првиот барабан, со доделување на осум противници на сите девет тима, еден по друг, и ќе продолжи со другите барабани по опаѓачки редослед додека на сите тимови не им се доделат осумте ривали.
Софтверот ќе гарантира целосна случајност во рамките на условите за извлекување пропишани со прописите (на пример, заштита на земјата и не повеќе од двајца противници од иста земја), додека гарантира дека ждрепката може да се заврши за сите тимови без да резултира во ниту еден момент во безизлезна ситуација, пишува УЕФА.
И покрај тоа што тимовите ќе ги знаат сите свои противници до крајот на ждрепката, списокот на натпревари со датумите и термините на почетокот ќе биде одреден потоа и објавен на 31 август, за да се осигури дека нема календарски судири со тимовите во Лига Европа и во Конференциската лига во истите градови.
Софтверот за извлекување е обезбеден од „АЕ лајв“, а од нивното назначување во септември 2023 година како партнер за сите извлекувања на Европската фудбалска унија, тие го развија и го тестираа софтверот, интегрирајќи различни внатрешни и надворешни механизми за проверка и потврдување на резултатите, пишува УЕФА.
Целиот развој на ждрепката беше прегледан од надворешен ревизор, „Ернст и Јанг“, особено во поглед на случајноста и усогласеноста со правилата за ждрепка, а „Ернст и Јанг“, исто така, ќе обезбеди преглед и контрола на операциите за рачно и дигитално извлекување на самото место, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.