Фото: ЕПА

Томас и тимот имаат ист фокус да ни дадат најдобра можна шанса да го освоиме Светското првенство во 2026 година, изјави извршниот директор на ФА на Англија, Марк Булингам, по назначувањето на Тухел за селектор, кој со евентуален успех на СП 2026 може да влезе во трофеен клуб во кој се само двајца стручњаци што биле светски прваци и како тренери и како селектори

ФУДБАЛ

Томас Тухел, кој е назначен за селектор на Англија од 1 јануари 2025 година, потпиша 18-месечен договор и станува третиот странец селектор на Англија, по Свен Горан Ериксон и Фабио Капело, пишува „Би-би-си“. Герет Саутгејт поднесе оставка во јули, по поразот на Англија од Шпанија во финалето на Европското првенство. Ли Карсли, кој беше назначен за привремен селектор во август, ќе остане на чело на репрезентацијата на натпреварите во Лигата на нациите, со Грција и со Република Ирска, во ноември.
– Многу сум горд што ми е дадена честа да ја водам англиската репрезентација. Одамна чувствувам лична поврзаност со играта во оваа земја и тоа веќе ми даде неколку неверојатни моменти. Да се има шанса да се претставува Англија е огромна привилегија, а можноста да се работи со оваа посебна и талентирана група играчи е многу возбудлива – рече Тухел, поранешен тренер на Челси, кој го напушти Баерн на крајот на минатата сезона.
Извршниот директор Марк Булингам рече дека Фудбалската асоцијација на Англија назначила за селектор „еден од најдобрите тренери во светот“.
– Томас и тимот имаат ист фокус да ни дадат најдобра можна шанса да го освоиме Светското првенство во 2026 година – рече Булингам, пренесе „Би-би-си“.
Тухел со Челси беше европски и светски првак во 2021 година, а со назначувањето за селектор на Англија и со евентуален успех на СП 2026 може да влезе во трофеен клуб во кој засега се само двајца стручњаци, кои биле светски прваци и како тренери на клуб и како селектори на репрезентација. Таков успех прв оствари Италијанецот Марчело Липи, кој со Јувентус победи во европската Лига на шампионите во 1996 година и истата година стана светски клупски првак, а десет години подоцна со Италија ја освои титулата светски шампион (Липи има трофеј и со Гуангжу во Лигата на шампионите на Азија во 2013 година). Ваков успех потоа оствари и Шпанецот Висенте дел Боске, кој беше европски првак со Реал Мадрид во 2000 и во 2002 година и светски првак со тој клуб во 2002 година, а со Шпанија стана светски шампион во 2010 година (подоцна и европски првак во 2012 година). Н.М.