Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Мбапе постигна 17 гола на 13 натпревари за Реал Мадрид и за Франција сезонава. Кејн 19 пати ја затресе мрежата на 12 меча за Баерн и за Англија, а Холанд е лидер со 21 гол на 12 средби за Манчестер сити и за Норвешка

Тој е напаѓач во форма, постигнува многу повеќе од еден гол по натпревар, постигнувајќи погодоци во речиси секој меч сезонава, го предводи нападот на својот клуб во борбата за титулата и ја води својата фудбалска репрезентација кон пласман на Светското првенство. Обично ова би бил извонреден вовед за кој било играч. Но сезонава тоа не се однесува на еден, не на двајца, туку на тројца од водечките напаѓачи во Европа, пишува „Би-би-си“.
Килијан Мбапе (26) постигна 17 гола на 13 натпревари за Реал Мадрид и за Франција сезонава, Хари Кејн (32) 19 пати ја затресе мрежата на 12 меча за Баерн и за Англија, а Ерлинг Холанд (25) има 21 гол на 12 средби за Манчестер сити и за Норвешка. И само околу половина од нивните голови се постигнати во домашно првенство. Тие сега се далеку пред кој било од нивните европски конкуренти. Како се споредуваат тројцата сезонава?
Холанд е најефикасен од триото со своите 21 гол во 12 натпревари, што во просек е еден на секои 47 минути, Кејн има еден на секои 52 минути, а Мбапе еден погодок на секои 67 минути. Мбапе има четири асистенции, а другите двајца имаат по три. Во споредба со нивната општа игра, статистиката покажува дека Кејн и Мбапе се вклучени многу повеќе од Холанд, пишува „Би-би-си“. Мбапе (772) ја допрел топката повеќе од Кејн (445) и од Холанд (257) заедно. Многу поголем процент од допирите на Холанд се и во шеснаесетникот. Холанд создал шест шанси за соиграчите, во споредба со 38 на Мбапе и 27 на Кејн. Слична е приказната кога се споредува бројот на комплетирани додавања од секој напаѓач, 97 од Холанд, 456 од Мбапе и 231 од Кејн. Норвежанецот победил во 25 воздушни дуели, 12 за Кејн и три за Мбапе. Кејн е најефикасен стрелец од тројцата сезонава со 42 отсто од неговите 45 шута што резултираа со гол, по што веднаш следуваат 39-те проценти од 54 удари на Холанд, а Мбапе постигна гол во 22 отсто од неговите 77 шута, пишува „Би-би-си“. Во репрезентативниот фудбал, Кејн има еден гол, Холанд девет, а Мбапе три погодока. Сите три репрезентации се на врвот на нивните квалификациски групи за пласман на Светското првенство со максимален број бодови, по мечевите во неделата.
Кејн се трка за голгетерски рекорд во лигата. Најдобриот стрелец на Англија, Кејн, постигна 18 гола за Баерн во 10 меча сезонава, вклучувајќи 11 во Бундеслигата и четири во Лигата на шампионите (ЛШ), плус еден за Англија. Тој постигна 47 отсто од 38-те погодока на Баерн сезонава. Ако Кејн го одржува овој ритам на голови во Бундеслигата цела сезона, би имал 62.

Никој досега не постигнал толку многу во некоја од големите европски лиги, пишува „Би-би-си“. Рекордот во Бундеслигата е 41 што Левандовски го постави за Баерн во сезоната 2020/2021. Најдобриот стрелец на Тотенхем на сите времиња ја освои германската „Златна копачка“ во двете сезони за Баерн, со 36, а потоа со 26 гола, за да ги додаде на своите три награди во Премиер-лигата. Повторувањето на ова овој пат би го направило само втор што освоил три трофеи по ред во Бундеслигата по Левандовски (кој има пет по ред). Тоа би го ставило на третото место на листата на добитници на награди, заедно со Карл-Хајнц Румениге и со Улф Кирстен. Левандовски и иконата на Баерн, Герд Милер, освоија по седум.
Мбапе се бори за осма последователна Златна копачка. Мбапе постигна 14 гола во 10 натпревари за Реал сезонава, и три на три меча за Франција. Тоа е 54 отсто од 28-те гола на Реал во сите натпреварувања. Ако Мбапе го задржи својот ритам од девет гола во осум натпревари во Ла лига, би имал 42 гола, пишува „Би-би-си“. Само Лионел Меси (двапати) и Кристијано Роналдо постигнале повеќе погодоци во една сезона во шпанската прва лига. Тој се трка за осма последователна „Златна копачка“ во домашно првенство откако освои шест по ред во Лига 1 за ПСЖ и лани во Реал во Ла Лига. Во ЛШ тој постигна пет гола во два меча. Тој процент му дава шанса да го собори рекордот на Роналдо од 17 во една сезона на ЛШ (2013/14), пишува „Би-би-си“. Тој се надева и дека ќе биде најдобар стрелец на Франција на сите времиња, откако постигна 53 гола, четири помалку од рекордот на Оливие Жиру.
Сто за Холанд? Дури и според многу високите стандарди на Холанд, сезонава е нешто сосема друго. Најдобриот стрелец на сите времиња во Норвешка постигна 12 гола во девет средби за Манчестер сити. Но за Норвешка има сензационални девет во три натпревари што ја однесе таа селекција на работ на првото Светско првенство од 1998 година. Тој постигна 12 гола во текот на квалификациите за Светското првенство досега, двојно повеќе од кој било друг европски фудбалер. Холанд ја постави летвичката толку високо што неговиот вкупен број од девет гола во првите седум меча од Премиер-лигата сезонава е само неговиот трет најдобар резултат во оваа фаза од неговите четири сезони во Англија (11 во 2022 година и 10 лани). Неговиот моментен процент на постигнување голови во лигата во текот на сезоната би му донел 49 гола, пишува „Би-би-си“. Рекордот во Премиер-лигата е 36 што ги постигна во сезоната 2022/2023. Рекордот на Дикси Дин од 60 погодока во највисоката лига, во дресот на Евертон, е од сезоната 1927/28. Ако се вклучи неговиот вкупен процент на голови за клубот и за репрезентацијата, тој би можел сезонава да има повеќе од 100 гола, пишува „Би-би-си“. Н.М.