Освојувачите на Купот: Дацевски, Георгиевски, Анѓушев, Вучидолов, Трајчевски, Божиновски (горе одлево кон десно), Илиевски, Николовски, Велковски, Дончевски и Шулинчевски (долу одлево кон десно)

Шулинчевски беше еден од главните вардарови голгетери, а беше и меѓу најзаслужните за освојување на југословенскиот Куп во 1961 година. Популарниот Шули не можеше да го замисли фудбалскиот живот без Вардар. Се случуваше тој да замине во друга средина, но тоа траеше кратко и повторно се враќаше во старото“јато“. Спомените на него вечно ќе нѐ потсетуваат на легендарниот фудбалер

Петар Шулинчевски (2)

Фудбалскиот живот на еден од најдобрите македонски фудбалери, воопшто во историјата, Петар Шулинчевски беше врзан најмногу за Вардар. Скопскиот клуб, во кој дојде од ресенска Преспа, стана негов составен дел во животот. Каде и да заминеше, Шули повторно се враќаше во Вардар, за во него да го дочека и пензионирањето.
За она што беше карактеристично за Шулинчевски како играч, кога беше во зенитот, веќе прочитавте минатата недела. Сега ќе се задржам на некои детали што беа карактеристични токму за Шули.

ТРИУМФОТ ВО КУПОТ ЗА РАДОСТ НА ЦРНО-ЦРВЕНАТА АРМИЈА

Шулинчевски, кој инаку беше многу скромен, не сакаше да се фали со своите успеси на фудбалскиот терен. Тој, во разговорите со пријателите, најчесто во кафеаната „Кукуш“ (додека постоеше), подоцна во популарната „511“ кај клупскиот другар Мето Спасовски, во кој и денес се собираат поранешните фудбалери и симпатизери на Вардар, никогаш не се фалеше со своите игри и постигнувања. Пред помладите фудбалери, а и симпатизери на Вардар, дури и не споменуваше оти тој беше во онаа единаесетка што го освои фудбалскиот Куп на Југославија во 1961 година, кога во Белград беше совладан Вартекс со 2-1. Исто така не зборуваше ниту за годините кога беше најдобар стрелец на Вардар, а во една од трите голгетерски сезони (1967/1968) скопскиот тим го забележа и дотогаш најдобриот пласман со освојувањето на шестото место во Првата југословенска лига.
Сето тоа за скромниот Шули не беше ништо невообичаено. Тој сметаше дека она што го прави е дел од неговиот фудбалски живот, иако симпатизерите на Вардар не мислеа така, тие го величеа и со пиетет зборуваа за него. Тој стана нивниот миленик, исто како што беа сите оние од победничкиот тим во Купот. Ова е убав момент да ги споменеме и нив, зашто заземаат посебно место во македонската фудбалска историја. Дресот на Вардар во незаборавното финале го носеа Георгиевски, Вучидолов, Анѓушев, Дацевски, Божиновски, Трајчевски, Илиевски, Николовски, Дончевски, Велковски и Шулинчевски. Сите тие со својата борбена игра придонесоа тоа финале на југословенскиот Куп да им остане во вечно сеќавање на љубителите на фудбалот во Македонија. Стрелци на головите беа Владо Николовски и Мирко Илиевски.

ШУЛИНЧЕВСКИ – ГОРДОСТ НА РЕСЕНЧАНИТЕ ВО ДИЈАСПОРАТА

Овој триумф на Вардар беше со радост поздравен од сите, не само во Скопје, каде што пред старата железничка станица со музика беа пречекани фудбалските херои, туку и во нашата дијаспора, зашто Вардар беше најголемата врска меѓу нив и родниот крај. Имав шанса, кога бев на Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година, кога се среќавав со нашите иселеници да се уверам во тоа колку е значаен Вардар за нив. Често кога почнувавме да муабетиме за него, солзи им навираа на очите. Тогаш, никој од нас не можеше да ги скрие силните емоции. На сите тие средби, нашинците ги споменуваа и вардаровите фудбалери, а иселениците што потекнуваа од ресенскиот крај со гордост се фалеа оти Петар Шулинчевски е нивни земјак. Многумина знаеја да кажат оти во моментите кога им било најтешко се потсетувале на родниот крај и луѓето од него, меѓу кои и Шулинчевски, со што им се намалувала тагата што се толку далеку од родната грутка. И овој детаљ најубаво говори за тоа каква македонска национална гордост е Вардар.
Интересно е оти потоа меѓу оние фудбалери што ги посакувале да дојдат како засилување на Македонија Престон, клуб на нашите иселеници во Мелбурн, често се спомнувало името на Петар Шулинчевски. Но наместо таму, Шули ги исполни желбите на нашите иселеници на другиот крај од Земјината топка, на оние од Америка, и една година откако ја заврши играчката кариера во Вардар настапуваше за Чикаго мустангс.
Потоа, што е и нормално, бидејќи својата егзистенција ја обезбедуваше од фудбалот, кога се врати од САД Шулинчевски повторно си дојде во својот Вардар, кој беше неговиот втор дом. Битно му беше да биде во него, без оглед на тоа која функција ќе ја извршува, дали ќе биде тренер на помладите категории или на првиот тим.

УСПЕШЕН И ОМИЛЕН И КАКО ТРЕНЕР

Шулинчевски имаше родителски пристап кон помладите со кои работеше во клубот, а наполно поинаков, би рекол попрофесионален пристап, имаше со фудбалерите на првиот тим. Тој беше свесен оти со младите играчи треба да биде многу внимателен, зашто во него гледаа не само свој тренер туку и родител кога истрчуваа на фудбалскиот терен. Шули ја имаше токму таа способност, во секој момент да се постави онака како што диктираше ситуацијата. Во секој случај, играчите знаеја и кога беше строг дека е тоа за нивно добро, а знаеја оти по таа манифестирана строгост на неговото лице повторно ќе се појави насмевката. Впрочем, секогаш расположен и со насмевка на лицето беше и со другарите, кога ќе седнеше кај „Наџак“ или во „Идадија“, во Дебар Маало. Затоа, поради овие морални особини беше сакан и омилен во секое друштво. По многу нешта Шули беше специфичен и омилен кај луѓето.
Се сеќавам на едно гостување на Вардар во Загреб, кога во хотелот дојде играчот на загрепчаните Ковачиќ. Прво што праша беше: Дали е тука Шулинчевски? Му одговоривме секако дека е тука, како може Вардар на ова гостување да биде без својот тренер. Ковачиќ се насмеа и како да сакаше да каже „што прашувам, кога знам оти Шули мора да биде тука со своите играчи“. Потоа, следуваше една другарска средба со прегрнување, малку недостигаше на двајцата да им потечат солзи од очите. Потоа, ја разбравме вистината за толкавата блискост меѓу двата фудбалски аса. Имено, Ковачиќ и Шули не беа само фудбалски ривали туку нивното пријателство датирало уште од војничките денови, кога двајцата го служеле воениот рок во ЈНА во иста касарна и во ист гарнизон. Откако старите пријатели се најдоа, може да замислите како помина таа ноќ во една од омилените кафеани на Ковачиќ (за името на кафеаната не можам да се сетам, знам само дека таа беше кафеана со стил, која беше омилено место за седенки на загрепските фудбалери и нивните гости).

СЕЌАВАЊЕ НА МЕТО ЗА ШУЛИ

Шулинчевски го нема меѓу нас. Тој почина во 2015 година, а претходно, откако почина неговата сопруга, како да се повлече и ретко излегуваше од својата куќа во населбата Козле. Иако имаше многу пријатели и луѓе што сакаа да го видат, тој како да бегаше од нив. Единствено место во кое на времето многу често навраќаше беше кафеаната „511“ на неговиот голем другар со кого го делеа доброто и лошото во Вардар, Методие Спасовски. Подоцна, откако остана без својот животен сопатник, Шули не беше истиот. Времето кога знаеше да отседи кај Мето со часови и низ муабетот да евоцираат спомени и да се потсетуваат на убавите фудбалски години, веќе беше минато. Повеќе го немаше она секојдневно дружење на двајцата големи асови, вистински легенди на Вардар и на македонскиот фудбал. Во кафеаната „511“ многу ретко можеше да се види Шули. Неговото присуство им недостигаше и на гостите, пред сѐ фудбалските, кои често кога заедно седеа Мето и Шули, знаеја и тие да се вклучат во разговорот. Темата се знае, секогаш беше Вардар.
– Некако брзо си замина Шули. Додека му беше жива сопругата речиси секој ден се гледавме. Доаѓаше кај мене во кафеаната и го минувавме денот во евоцирање спомени од минатото. Но, откако таа почина, Шули комплетно се повлече. Го молев да доаѓа, да бидеме во друштво, полесно да му поминува денот, но тој тешко го прифаќаше ова. Некогаш ќе навратеше, но на неговото лице ја немаше онаа позната насмевка. Кога, пак, ќе се насмееше, тоа го правеше со „сила“, колку друштвото да не му забележи зошто е толку сериозен. Јас наполно го сфаќав, за разлика од порано, сега се чувствуваше осамено. Ја немаше покрај себе сопругата со која имаше убав живот. Таа му беше неговата најголема поддршка. Јас сето тоа го знаев и затоа просто го молев почесто да доаѓа, малку да се разведри во друштво со мене и со пријателите, кои многу го почитуваа и го ценеа. За него веќе ништо не беше битно, а мислам оти не се радуваше и на она големо дело што го остави зад себе во македонскиот фудбал. Тоа не беше оној стариот Шули. Кога ќе го видев, гледав да го развеселам, но и тоа тешко ми одеше – и денес со тага на лицето зборува Мето Спасовски.
За Шули како фудбалер и човек во суперлативи зборуваат сите што го познаваа, без оглед на тоа дали некогаш биле фудбалери или само навивачи. Момчето од Ресен, кое срамежливо дојде во Вардар, успеа да се издигне во фудбалските височини и да стане легенда и миленик на многубројната фудбалска публика. Неговото име ќе биде запишано со златни букви и во македонската, не само фудбалска, туку воопшто спортска историја. Шули беше голем фудбалер, а пред сѐ и доблесен човек.