Фото: ЕПА

Во трите изданија на натпреварите за светска клупска титула (Интерконтинентален куп од 1960 година, Светското клупско првенство на ФИФА од 2005 година и Интерконтинентален куп на ФИФА од лани), голем број тренери ги освојуваа планетарните титули, а најмногу, по четири пати, славеа Гвардиола и Анчелоти. Липи и Дел Боске, пак, победија и како тренери на клуб и како селектори на репрезентација…

ФУДБАЛ – КЛУПСКИ НАТПРЕВАРИ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА (3)

Мечевите за светската фудбалска титула, репрезентативна и клупска, еволуираа низ годините, двете почнаа на ист знаменит стадион, а и двете натпреварувања годинава и в година ќе ја имаат новата трансформација. Во пресрет на клупското Светско првенство (СП) што ќе се игра во САД, од 14 јуни, прво на кое ќе учествуваат 32 клуба од сите континенти, во неколку продолженија го претставуваме натпреварувањето, кое почна како двомеч на шампиони на два континента, а прерасна во едномесечен глобален турнир со 32 клуба.
Во трите изданија на натпреварите за светска клупска титула (Интерконтинентален куп од 1960 година, Светското клупско првенство на ФИФА од 2005 година и Интерконтинентален куп на ФИФА од лани), голем број тренери ги освојуваа планетарните титули, а најмногу, по четири пати, славеа Пеп Гвардиола и Карло Анчелоти. Гвардиола (Манчестер сити) сега ќе има шанса за самостоен рекорд, откако Анчелоти, кој досега го водеше Реал Мадрид, стана селектор на Бразил. Двајцата и Карлос Бјанки се тренери што славеле со по два клуба, а на таа листа ќе може да се запише, на пример, Луис Енрике (сега во Пари сен Жермен, а светска титула освои како тренер на Барселона).
Врвни светски тренерски имиња ги освојуваа титулите со репрезентации или со клубови, како, на пример, со репрезентациите, Марио Загало, Хелмут Шен, Цезар Луис Меноти, Франц Бекенбауер, Карлос Алберто Переира, Луис Фелипе Сколари, Јоаким Лев, Дидие Дешам…, или, на пример, Хеленио Херера, Ернст Хапел, Џовани Трапатони, Ариго Саки, Алекс Фергусон, Отмар Хицфелд… славеа на клупските светски првенства. Само Италијанецот Марчело Липи и Шпанецот Висенте дел Боске победија во двете конкуренции како кормилари. Липи во 1996 година го предводеше Јувентус до клупската светска титула, а 10 години подоцна и со репрезентацијата на Италија стигна до планетарен трофеј. Дел Боске, пак, во 2002 година победи со Реал Мадрид и ја освои клупската титула, а во 2010 година со селекцијата на Шпанија победи на Светското првенство.
На годинашниот светски клупски шампионат во некоја победничка листа може да се запишат неколкумина, како, на пример Хавиер Маскерано, кој сега е тренер на Интер Мајами, а кој како фудбалер беше светски првак со Барселона во 2011 и во 2015 година… На таа листа, со освоени светски клупски титули како фудбалери и како тренер засега се петмина. Итн. Н.М.

(продолжува)