Откако Артета го ангажира тренерот специјалист за прекини, Жовер од Манчестер сити во 2021 година, Арсенал стана највештиот тим во Премиер-лигата во претворањето на шансите во голови од такви ситуации
ФУДБАЛ
Aрсенал неодамна го победи Кристал Палас не со примена на брза и софистицирана размена на додавања, туку со центаршутови во мешаница, откако два гола дојдоа од методот на старата школа на изведување на удар од аголот кон втората статива, а уште еден, на големо незадоволство на гостинскиот менаџер Рој Хоџсон, кога по корнерот на Палас, Арсенал во контра постигна гол, пишува британски „Телеграф“.
На прес-конференцијата по натпреварот, на Микел Артета му беше посочено дека е јасно што вежбал неговиот тим на нивните неодамнешни тренинзи во Дубаи: корнери. Менаџерот на Арсенал се насмевна.
– Всушност, тоа беше една работа што не ја направивме. Ова денеска беше резултат на многу напорна работа претходно – рече тој.
Артета има право. Додека неговиот пристап да го искористи голманот за да ги забрза нападите, што беше доволно демонстрирано со прецизното фрлање на Давид Реја за Леандро Тросард потоа да го постигне третиот гол на Арсенал, беше предмет на многу анализи, трансформацијата на тимот при прекини е помалку рекламирана.
Откако менаџерот го ангажира тренерот специјалист за прекини, Николас Жовер од Манчестер сити во летото 2021 година, Арсенал стана највештиот тим во Премиер-лигата во претворањето на шансите во голови од такви ситуации. Тоа е некаква трансформација, бидејќи сезоната пред Жовер да пристигне во Арсенал, само Фулам и Шефилд јунајтед имаа постигнато помалку голови од такви ситуации, пишува „Телеграф“.
Меѓутоа, Жовер промени сѐ. Работата на Французинот во Брентфорд, каде што прекините долго време беа главни, му даде разбирање за тоа колку вредна може да биде таквата позиција. Дури и во модерна игра опседната со посед и со задржување на топката, тој препозна дека корнерот може да ја направи разликата. Вториот гол на Габриел беше 19-ти за Арсенал во сите натпреварувања од прекин. Ова е многу повеќе од која било друга екипа во дивизијата (Манчестер сити е втор со 13). Само од корнери тие ја затресоа мрежата десет пати, два повеќе од второпласираниот Евертон.
Гледајќи го Арсенал на корнерите, јасно е што направи Жовер, работеше напорно со тимот, вежбајќи ја со нив потребата за маскирани трчања, движења за мамки, маневри за блокирање, истовремено обезбедувајќи фудбалери да се собираат во шеснаесетникот за да ја соберат секоја одбиена топка. Не секој корнер е ист. Кај Арсенал сигналите со рака пред ударот не се дел од театарот, тие се дел од кореографија во која секој ја знае својата улога, пишува „Телеграф“. Н.М.