ФУДБАЛ
- Корнерите, слободните удари, аутите, па дури и изведувањата гол-аут се поприоритетни отколку во минатите сезони. Тимовите им даваат приоритет на прекините и имаат успех (28,4 отсто од постигнатите голови во Премиер-лигата се од прекини, а 3,2 проценти се по изведен аут, во двата случаја највисок процент во изминатата деценија), но што прават во рамките на нивните акции што личат на НФЛ? Општо земено, тимовите бараат од своите фудбалери да трчаат по однапред одредени маршрути при прекините на игра за да направат простор за слободен играч. Гледајќи ги прекините поблиску, ги покажуваат сличностите во движењата на играчите во двата спорта
Арсенал неодамна го победи Њукасл со 2-1, во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, а иако Арсенал создаде добри шанси, беше карактеристично што сите три гола беа резултат на корнер-рутини. Вообичаено е гледачите да чувствуваат дека фудбалот изгубил дел од својата магија, а ѕвездите имаат помалку слобода и простор да се изразат во отворена игра, сепак, сегашните професионалци зборуваат за тоа како квалитетот на играчите, тактиките и тренерскиот персонал се подобри од кога било, пишува „Би-би-си“. И двете работи можат да бидат вистинити и гледањето на тоа како фудбалот станал поструктурирана и кореографирана игра, слична на американскиот фудбал (НФЛ), може да помогне да се објасни ова.
Прекините на игра стануваат сѐ поважни
Во едно неодамнешно интервју, тренерот на Лос Анџелес ремс, Шон Меквеј, беше замолен да ги спореди фудбалот и НФЛ, велејќи: „Најблиску до она што е американски фудбал е кога секоја фудбалска акција би била од прекин. Секоја акција за нас е игра од прекин“.
Прекините на играта стануваат сѐ поважни и, ако се прифати експертското мислење на Меквеј, Премиер-лигата сѐ повеќе наликува на НФЛ. Корнерите, слободните удари, аутите, па дури и изведувањата гол-аут се поприоритетни отколку во минатите сезони. Сезонава 28,4 отсто од постигнатите голови во Премиер-лигата се од прекини, највисок процент од која било од изминатите 10 сезони. И 3,2 проценти од головите се по изведен аут, највисок процент во изминатата деценија. Интересно е што Меквеј беше тој што ги направи овие забелешки со оглед на неговото пријателство со менаџерот на Арсенал, Микел Артета. Двајцата се млади тренери, кои се на чело на тактичкото обликување на нивниот спорт, и имаат заеднички идеи. Во претходните сезони Арсенал стана мајстор за постигнување голови од прекини. Од почетокот на сезоната 2023/2024, тој тим постигна 36 гола од корнери во Премиер-лигата, 15 повеќе од кој било друг тим во тој период. Веројатно е дека играчите на Артета, и другите, се инспирирале од тимови како ЛА ремс за да го подобрат нивниот успех при прекините.
Какви тактики на НФЛ гледаме во фудбалот?
Тимовите им даваат приоритет на прекините и имаат успех, но што прават во рамките на нивните акции што личат на НФЛ? Општо земено, тимовите бараат од своите фудбалери да трчаат по однапред одредени маршрути при прекините на игра со цел да направат простор за слободен играч. Ова е промена од помалку кореографираните рутини, кои често беа фокусирани околу вкрстување во одредени зони во шеснаесетникот, потпирајќи се на тоа најдобрите играчи да остварат удари со глава преку нивната физичка способност и дуел-игра.
Гледајќи ги прекините поблиску, ги покажуваат сличностите во движењата на играчите во двата спорта. Во НФЛ, маршрутите се акции во кои напаѓачки играч прави движење, кое индиректно му го блокира патот на друг играч. Напаѓачите трчаат по „маршрути“ блиску еден до друг надевајќи се дека еден од нивните играчи ќе му се испречи на одбранбениот бек, отворајќи простор за нивниот соиграч, особено против притисокот човек на човек. Габриел го постигна победничкиот гол против Њукасл, но интеракцијата на Вилијам Салиба без посед на топката со голманот Ник Поуп му помогна на Арсенал да постигне гол, пишува „Би-би-си“. Францускиот централен бек направи движење напред, кое индиректно го блокира патот на Поуп до топката, што значи дека англискиот голман не можеше да го испрати центаршутот. Не беше директно блокирање, туку индиректно преполнување на местото каде што противникот можеби сака да се движи по однапред одредена патека, како во НФЛ.
Почесто се користи намерно блокирање и во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Тимовите ги поставуваат фудбалерите пред голманите и имаат задача да го спречат нивното движење и можноста за бранење на прекините. Челси постигна три гола по корнери против Вест хем претходно сезонава, улогата на Лиам Делап во блокирањето на голманот беше клучна за успехот, на начин што наликува на некои од блокирањата без топка видени во НФЛ, а голот на Кристал палас против Вест хем, исто така, ја покажа употребата на намерно блокирање на начин што наликуваше на друг покореографиран американски спорт, кошарката, пишува „Би-би-си“.
Зголеменото влијание на фудбалските тренери
Она што го разликува фудбалот од другите спортови е колку многу фактори се во игра, што го отежнува подготвувањето за сѐ. Во спортови како тенисот или НФЛ, мечевите се серија од „мини-акции“. Фудбалот во отворена игра вклучува 22 играчи, кои слободно се движат низ голем терен. Сликата на играта се менува многу често и подготовката за сите овие сценарија е тешка, пишува „Би-би-си“. Во фудбалот, постои елемент на тоа да мора да им се дозволи на фудбалерите да донесуваат одлуки и да реагираат на она што се случува на лице место.
– Она што мислам дека е толку импресивно во врска со она што го прави Артета е што тој ја пренесува визијата за тоа како ние тренерите сакаме да можеме да ја видиме играта, а вие им давате на играчите автономија само врз основа на текот на играта – вели Меквеј.
Оваа го прави фудбалот пријатен за гледачите, но носи неизвесности што некои менаџери можеби ќе сакаат да ги намалат, а тренери како Енцо Мареска и Микел Артета генерално спаѓаат во оваа категорија, пишува „Би-би-си“. И двајцата претпочитаат да доминираат со топката, овозможувајќи му на нивниот тим да ја контролира играта далеку од сопствениот гол. Во претходните сезони, пристапот на Артета беше опишан како прагматичен со оглед на недостигот од ризик преземен во нивната напаѓачка игра и покрај доминацијата со топката. Со играње побезбедно во отворена игра, тимовите се во можност да ги намалат неизвесностите пред да ги искористат побезбедните, поструктурирани делови од играта, како што се прекините.
Со оглед на структурираната природа на овие сценарија, тимовите се во можност да се подготват за нив посигурно и во деновите пред натпреварот, знаејќи како противниците веројатно ќе бидат поставени и нивните слабости, пишува „Би-би-си“. Сезонава Арсенал почна да воведува поризични и остри додавања, особено низ средината на теренот, но предизвикот за балансирање на ризикот со контролата е предизвик со кој менаџерите низ лигата мора да се справат. Сепак, во лигата, се чини дека со максимално искористување на овие структурирани ситуации во играта, менаџерите имаат поголемо влијание врз играта како нивните колеги од НФЛ, пишува „Би-би-си“. Н.М.