Фото: „Нова Македонија“

Од неизвесните почетоци пред педесетина години, и по компликациите и сомнежите по патот, Суперкупот на УЕФА сега е целосно осигурен за своето место и статус на европската фудбалска сцена, пишува УЕФА. Првично учествуваа европскиот првак и победникот на сега непостојниот КПК, а сега се натпреваруваат победниците на Лигата на шампионите и на Лига Европа

ФУДБАЛ

Исто како што реномираниот француски спортски весник „Л’екип“ одигра клучна улога во 1955 година во раѓањето на водечкото клупско натпреварување на Европската фудбалска унија (УЕФА), Купот на европските шампиони (КЕШ), сега Лигата на шампионите (ЛШ), друг популарен европски дневен весник, „Де телеграф“ со седиште во Амстердам, ги постави темелите на Суперкупот, пишува УЕФА. Првично учествуваа европскиот првак и победникот на сега непостојниот Куп на победниците на купови (КПК), а сега се натпреваруваат победниците на Лигата на шампионите и на Лига Европа од претходната сезона.
Како и со развојот на КЕШ, лансирањето на Суперкупот беше поттикнато од вечната дебата за тоа кој би можел да ја освои титулата „најдобар тим во Европа“. Во 1972 година Антон Виткамп, тогашен новинар, а подоцна спортски уредник на „Де телеграф“, ја доби идејата за „нешто ново“ за да се одреди најдобриот тим во Европа. Друга цел на идејата беше дополнително да се тестираат силните страни на амстердамскиот клуб Ајакс во периодот кога доминираше во Европа, освојувајќи ја европската титула трипати по ред од 1971 до 1973 година со нивниот необичен стил на „тотален фудбал“. Холандскиот клупски фудбал во тоа време беше на врвот, со хет-трикот на Ајакс по успехот на Феенорд со освојувањето на европската титула во 1970 година.
– Идејата беше замислена во ерата на тоталниот фудбал. Нашата ера, четири последователни европски титули помеѓу Феенорд и Ајакс. Повеќе од пари и слава, тие го бараа правото да бидат наречени најдобри. Но кој беше најсилниот тим во Европа? Тимот што го освои Европскиот куп? Во принцип, да. Сепак, фудбалот често е химна на релативноста и, поради оваа причина, може да биде непрецизна уметност. Па, зошто да не се спротивстават освојувачите на КЕШ и победникот на КПК? Зошто да не се предизвика Ајакс? Шкотскиот клуб Ренџерс го освои КПК во 1972 година. Му го претставив мојот план на шефот на Ајакс, Јап ван Праг, кој ја сметаше идејата за одлична. Следствено, патот беше чист, со покровителство на мојот весник – рече Виткамп.

Виткамп и Ван Праг побараа поддршка за новото натпреварување од УЕФА, но управното тело на европскиот фудбал не можеше да го даде својот благослов во тоа време, Ренџерс имаше забрана за настап од УЕФА. Сепак, натпреварувањето се одржа, како неофицијално. Виткамп се одлучи за формат на два меча за да ги максимизира приходите за двата клуба. Двата дуела, финансиски поддржани од „Де телеграф“, се одржаа на 16 и на 24 јануари 1973 година во Глазгов и во Амстердам, и се покажаа успешни и во спортска и во финансиска смисла. Ајакс победи со вкупен резултат 6-3 и, што е важно, одзивот на јавноста беше позитивен, 57.000 гледачи во Глазгов, а 26.000 во Амстердам. И победниците на двата купа во 1973 година, Ајакс и Милан, изразија интерес за меѓусебна средба. Сметајќи дека „би било погрешно ако УЕФА не ги преземе под своја контрола овие мечеви“, Комитетот за вонредни ситуации на УЕФА во јуни 1973 година одлучи да утврди некои водечки принципи, ратификувани од Извршниот комитет на УЕФА четири месеци подоцна. Новото натпреварување беше наречено „Супернатпреварување“. Учеството беше опционално. Ајакс победи со 6-1 во два натпревара и го освои првото официјално издание во јануари 1974 година, кога новото натпреварување почна да ги прави своите први чекори во рамките на европскиот клупски фудбалски пејзаж.
„Супернатпреварувањето“ во почетокот се мачеше да го најде своето место во европскиот календар, не само поради неговиот почетен формат со мечеви дома и на гости. Учеството не беше задолжително, не беше можно да се закажат двете средби за првото издание сѐ до 1974 година, а второто, во 1975 година, беше се откажано. Во еден напис за натпреварувањето во книгата „50 години УЕФА“, објавена по повод златниот јубилеј на УЕФА во 2004 година, опишано е како: „Кукавицата на фудбалскиот свет. Добивавте акустични сигнали, но многу ретко можевте да ја видите… ТВ-компаниите тешко можеа да го вметнат во своите распореди настанот што талкаше по календарот. Тоа беше единственото финале на УЕФА што немаше време или место… Освен ако не се случеше нешто драматично, тоа имаше тенденција да биде приватна забава на која сите учесници уживаа, особено оние што си заминаа дома со трофеите“.

„Забавата“, сепак, покажа дека може да ги освои насловите, откако не помалку од 105.000 гледачи беа во Киев во октомври 1975 година за да го видат освојувачот на КПК во 1975 година, Динамо Киев како остварува вкупна победа со 3-0 над европскиот првак во истата сезона, Баерн, пишува УЕФА. Натпреварувањето, кое не се одржа во 1981 и во 1985 година, за разлика од другите натпреварувања на УЕФА, тогаш немаше трофеј. Победникот добиваше плакета со лого на УЕФА. Дури по изданието во 1983 година, кога Абердин го победи Хамбург, делегатот на натпреварот на реваншот, Холанѓанецот и иден благајник на УЕФА, Јо ван Марле, предложи да му се додели пехар на победникот. Овој предлог беше поддржан од тогашниот претседател на УЕФА, Жак Жорж. Трофејот, произведен од италијанската фирма „Бертони“, првпат беше врачен во 1987 година, на капитенот на Стеауа, Стефан Јован, по победата на дуелот со Динамо Киев, пишува УЕФА.
На состанокот во Москва во март 1995 година, Извршниот комитет на УЕФА сметаше дека може и треба да се направи многу за да се зголемат профилот на натпреварувањето и целокупната привлечност. Резултатот беше уште една нова формула, во 1998 година, со еден натпревар, а местото на одржување стадионот „Луј Втори“ во Монако, кој се сметаше за идеална големина за ваков вид меч. Клубовите што се пласираа сега беа обврзани да учествуваат, мечот беше наречен Суперкуп и стана спортски врв на настаните што се одржуваат во Монако секој август, како најава на сезоната, кога имаше и ждрепки и награди за најдобрите играчи во сезоната. Овој формат остана до 2012 година, а од 2013-та Суперкупот игра и друга суштинска улога во европскиот фудбал. Оттогаш мечот се одржува секоја година во различни градови низ континентот, потег дизајниран да го сподели престижниот настан меѓу националните асоцијации на Европа, давајќи им на многу од нив ценета и единствена можност да бидат домаќини на голем меѓународен клупски натпревар меѓу два врвни тима во кои играат некои од ѕвездените имиња во фудбалот, пишува УЕФА. Од неизвесните почетоци пред педесетина години, и по компликациите и сомнежите по патот, Суперкупот сега е целосно осигурен за своето место и статус на европската фудбалска сцена, пишува УЕФА. Н.М.