На ЕП во 1984 година, Платини беше стрелец на секој натпревар и со вкупно деветте гола (просек од 1,8 погодок по меч) е рекордер меѓу стрелците на еден шампионат

ФУДБАЛ – В ПЕТОК ПОЧНУВА 17-ТО ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Со почетокот на Европското првенство (ЕП) во фудбал в петок, со натпреварот Германија – Шкотска, во Минхен, почнува нов обид на стрелците да надминат рекорд што опстојува веќе 40 години. На континенталниот шампионат во 1984 година, Французинот Мишел Платини постигна рекордни девет гола на петте натпревари на тоа првенство. Од тогаш најдобрите стрелци на секое од европските првенства не постигнаа повеќе од шест погодока.
Првенствата на Европа во фудбал од 1960 до 1976 година се играа со учество на по четири репрезентации и во тој период рекордот на најдобрите стрелци на турнирите беше четири гола (во просек по еден погодок на натпревар), а тоа го остварија Германците Герд Милер во 1972 година и Дитер Милер четири години подоцна.
Од 1980 до 1992 година на европските првенства играа по осум селекции. Во 1984 година Платини беше стрелец на секој натпревар на тој европски шампионат (постигна два хет-трика и трипати по еден гол) и оствари просек од 1,8 гол по натпревар. Од 1996 до 2012 година на шампионатите настапуваа по 16 репрезентации и една селекција можеше да одигра најмногу шест натпревари (со пласман во финалето), а од 2016 година учествуваат по 24 репрезентации (максимум од седум натпревари). Во тој период од 1996 година најдобрите стрелци главно постигнуваа по пет гола (пет пати), а еден погодок повеќе реализира Французинот Антоан Гризман, на ЕП 2016.
Вкупно десет од освојувачите на „златната копачка“ беа од репрезентациите што триумфираа на соодветното европско првенство.
Според вкупниот број голови на европските првенства водечки е Португалецот Кристијано Роналдо со 14 погодока (играше на шампионатите во 2004, 2008, 2012, 2016 и во 2020 година), а тој на годинашното првенство ќе има можност да го зголеми овој рекорд. Втор на оваа листа е Платини со девет погодока (играше само на едно ЕП), а потоа се Алан Ширер од Англија (настапи на европските првенства во 1992, 1996 и во 2000 година) и Гризман (играше на ЕП 2016 и 2020) со по седум гола… Н.М.