Фото: „Нова Македонија“

Пораки со поддршка по трагедијата во Кочани од навивачи во Бугарија

Фудбалската репрезентација на Бугарија играше плејоф-натпревар во Лигата на нациите со селекцијата на Република Ирска во Пловдив, а на трибина можеше да се забележи порака со сочувство упатена до Македонија, каде што беше прогласена седумдневна жалост по трагедијата во дискотека во Кочани. Порака со поддршка беше истакната и на натпревар од домашното првенство во Бугарија. Гест за почит.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

На фајналфор-турнирот во Германија ќе настапат сите досегашни победници

Германија – Португалија и Шпанија Франција се полуфиналните двојки на фудбалската Лига на нациите, по одиграните реванши од четврт-финалето, полни со драма. На фајналфор-турнирот што ќе се игра во Германија (Минхен и Штутгарт) ќе настапат досегашните победници на Лигата на нациите, Португалија (2019 година), Франција (2021 г.) и Шпанија (2023 г.). Германија првпат е во полуфиналето, Франција и Португалија по вторпат, а Шпанија третпат.
Во реваншите, Германија дома одигра реми 3-3 со Италија, по водството со 3-0 и се пласира понатаму со вкупен резултат 5-4. Португалија и Данска играа продолженија, во кои домашниот состав ја обезбеди победата со 5-2, а вкупно со 5-3. Франција ја победи Хрватска со 2-0, колку што Хрватска славеше на првиот меч дома, а потоа на пенали славеше Франција со 5-4. Со истиот резултат на пенали победи и Шпанија, откако со Холандија одигра нов натпревар полн со голови, 3-3 (во првиот натпревар беше 2-2).
Со комплетирањето на четвртфиналната рунда се пополнија и сите квалификациски групи за Светското првенство в година. Така, Германија е во групата со Словачка, Северна Ирска и со Луксембург, Данска е во групата Ц со Грција, Шкотска и со Белорусија, Франција е во групата Д со Украина, Исланд и со Азербејџан, Шпанија е во групата Е со Турција, Грузија и со Бугарија, Португалија е во групата Ф со Унгарија, Република Ирска и со Ерменија, Холандија е во групата Г со Финска, Полска, Литванија и со Малта, Италија е во групата И со Норвешка, Израел, Естонија и со Молдавија, а Хрватска е во групата Л со Црна Гора, Чешка, Фарски Острови и со Гибралтар. Н.М.


ФУДБАЛ

Нов Зеланд третпат ќе игра на СП

Нов Зеланд е втората репрезентација што преку квалификации го обезбеди учеството на фудбалското Светско првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада, а вкупно петта, заедно со домаќините на шампионатот и Јапонија. Нов Зеланд во финалето на плејофот во Океанија вчера ја победи Нова Каледонија со 3-0 и со тоа третпат ќе настапи на СП (претходно во 1982 и во 2010 година).
Минатата недела Јапонија стана првата селекција што се пласира на СП 2026. Неделава е можно уште неколку репрезентации да обезбедат место на Мундијалот. Нова Каледонија, пак, со настапот во финалето се пласира во Интерконтиненталниот плејоф, во кој ќе играат и две селекции од Северна Америка и по една од Азија, Африка и од Јужна Америка, а тие ќе се натпреваруваат за две слободни места на СП 2026 преку тој бараж. Н.М.


ТЕНИС

Ѓоковиќ собори победнички рекорд на мастерс-турнирите

Новак Ѓоковиќ ја забележа рекордната 411-та победа на тениските мастерс-турнири од серијата 1.000 со победата на дуелот со Камило Уго Карабели на Мајами опен, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Ѓоковиќ сега има една победа повеќе од Рафаел Надал, а на таа листа потоа се Роже Федерер со 381 победа, Енди Мареј со 230, Андре Агаси со 209, Томаш Бердих со 191, Пит Сампрас со 190, Давид Ферер со 189, Станислас Вавринка со 166, Енди Родик со 157, пишува АТП. Ѓоковиќ освои рекордни 40 титули на мастерс-турнирите, во 2018 година тој стана првиот и единствен тенисер што ги освоил сите девет мастерс-турнири од серијата 1.000, а од 2020 година тој е победник на секој турнир најмалку двапати. Н.М.