ФУДБАЛ

Специјално признание од УЕФА за Кристијано Роналдо

Кристијано Роналдо, најдобриот стрелец на сите времиња во Лигата на шампионите, доби специјална награда од претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин, како признание за неговото извонредно наследство во најпрестижното светско натпреварување. Поранешниот напаѓач на Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид и на Јувентус постигна 140 гола во Лигата на шампионите (ЛШ) во 183 натпревари и има 11 гола повеќе од Лионел Меси и 46 повеќе од третопласираниот Роберт Левандовски на врвот на листата на стрелците, пишува УЕФА.
Роналдо во седум одделни сезони во ЛШ беше најдобар стрелец, повеќепати од кој било друг играч. Тој исто така го држи рекордот за најмногу голови во една сезона во ЛШ, откако ја затресе мрежата 17 пати во сезоната 2013/2014. Португалскиот напаѓач еднаш го освои ова натпреварување со Манчестер јунајтед и четири пати со Реал Мадрид и е единствениот што постигнал гол во три одделни финалиња во ЛШ (2008, 2014 и 2017 година). Тој го држи и рекордот за најдолга серија голови во ЛШ, откако постигна погодок на 11 натпревари по ред од јуни 2017 до април 2018 година. Роналдо, кој постигна и неверојатни осум хет-трика во ЛШ е и најдобар стрелец на сите времиња во сите клупски натпреварувања на УЕФА (145 гола на 197 настапи), како и најефикасен фудбалер во меѓународниот фудбал (130 гола на 212 меча. Н.М.


Џанлуиџи Буфон ја доби претседателската награда на УЕФА

Поранешниот голман на Италија Џанлуиџи Буфон ја доби претседателската награда на Европската фудбалска унија (УЕФА) за 2024 година. Буфон е награден за неговата „долговечност и одлучност“ од претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, кој го нарече поранешниот италијански голман „инспирација за фудбалските навивачи низ светот“, пренесе УЕФА. Оваа награда оддава признание за извонредни достигнувања, професионална извонредност и примерни лични квалитети, пишува УЕФА. Со 176 репрезентативни меча, Буфон е голман со најмногу настапи на сите времиња, играч со најмногу натпревари во историјата на италијанската репрезентација и четврти европски играч со најмногу мечеви на сите времиња. Тој го достигна врвот на својата кариера во 2006 година, играјќи важна улога кога Италија ја освои титулата на Светското првенство. Буфон освои рекордни десет титули во Серија А, Купот на УЕФА во 1999 година, шест трофеи во Купот на Италија и една круна во Лига 1 за време на клупската кариера, во која бранеше за Парма, Јувентус и Пари сен Жермен, пишува УЕФА. Н.М.