Во отсуство на селекторот, Голац ја водеше пионерската репрезентација на Македонија до големиот успех на турнирот во Борово. Во сите клубови во кои работеше популарниот тренер од Дебар Маало остави трага. Постарите љубители на фудбалот и денес се сеќаваат на Голац
Стојан Стојановски-Голац (2)
Откако на македонската фудбалска сцена се етаблира не само како активен играч туку и како тренер, Стојан Стојановски-Голац имаше отворени врати во секој клуб. Меѓутоа, тој не се лакомеше да оди во „големите“, напротив избираше мали клубови, но со душа и со убава атмосфера. Така, откако речиси три години помина во Балкан во Чаир, кариерата ја продолжи во еден од помладите скопски клубови Алумина. Во тоа време и фабриката, која му беше спонзор на клубот, стоеше на здрави нозе, беше стабилна и за неа не беше проблем да одржува еден аматерски фудбалски клуб. Колку луѓето од оваа фабрика беа загреани за фудбалот говори и фактот што тие, за да создадат нормални услови за живот на фудбалскиот клуб, изградија и игралиште, кое и денес постои на една од најубавите локации, во близината на спортската сала „Борис Трајковски“.
– Теренот беше од големо значење за одвивање на секојдневните тренинзи. Таму речиси преку цел ден имаше врвулица од деца од сите возрасти. Така, од ден на ден клубот стекнуваше сѐ поголема популарност и во него почнаа да доаѓаат и некои искусни фудбалери. Ќе го кажам само примерот со Иле Балевски, братот на легендарниот Ванчо, кој имаше прекрасна кариера во Вардар, за потоа да „одлета“ во други квалитетни клубови, каков што беше сплитски Хајдук, потоа Олимпија и во Германија. Иле беше еден од најпознатите играчи на Алумина, а нему му се приклучи уште еден квалитетен фудбалер, Авировиќ. Тие двајца како да беа магнет и откако видоа оти станува збор за сериозен клуб, во Алумина почнаа да доаѓаат и други квалитетни играчи. На тој начин го издигнавме квалитетот на едно повисоко ниво, па можевме рамноправно да се носиме не само со екипите од Скопскиот потсојуз туку и со второлигашите – вели Голац.
Во Локомотива со легендарниот Мариовец
Стојановски остана во Алумина нецели три години, а потоа погледите му беа свртени кон некој клуб што е поблиску до Работнички, зашто тој беше дебармаалец и сметаше оти местото му е тука, до клубот што беше гордост на Дебар Маало. Голац дојде во Градскиот парк, но не во Работнички, туку во Локомотива. Тоа му доаѓаше некако исто, бидејќи и Локомотива беше клуб на железничарите и тренираше на истиот терен со Работнички.
– Овде газда на клубот беше популарниот Мариовец, човек што со години ја одржуваше Локомотива и правеше сѐ клубот да опстане и квалитетно да се развива. Тој беше човек што знаеше да ги искористи сите ресурси што ги имаше железницата, па, така, за да имаме топла соблекувална, како „гориво“ ги користевме старите и исфрлени од употреба прагови што беа поставени на пругите. Така, за нас немаше „зима“, пукаше од топлина, а тука на шпоретот во едно големо тенџере постојано имаше топол чај. Во Локомотива имаше уште една погодност, зашто од соблекувалната, која се наоѓаше под поранешната јужна трибина на Градскиот стадион, веднаш се излегуваше на теренот на Работнички, на кој и ние како железничарски клуб имавме можност да тренираме. Овде вкупниот амбиент беше многу пријатен, па се чувствував како дома. А, и друштвото беше прекрасно – вели Голац.
Во услови кога клубот немаше проблеми за да функционира нормално, а и со веќе еден искусен стратег како Голац, дојдоа и резултатите. Локомотива во следната година се пласира во Скопскиот потсојуз, во кој се натпреваруваа квалитетни екипи, кои нудеа убави и интересни мечеви.
– Затоа не беше чудно кога на нашите средби некогаш имаше и по две-три илјади гледачи. Натпреварите ги игравме во неделите претпладне, термин што им одговараше на љубителите на фудбалот, зашто попладнето беше резервирано за прволигашките дуели на Вардар – вели Голац.
Со голема помош на неуморниот Мариовец, Локомотива ја реализира поставената цел и од Скопскиот фудбалски потсојуз се пласира во Вардарскиот регион. Нешто слично претходно направи и со екипата на Скопје 63 од Автокоманда, кога во тандем со својот другар, инаку познатиот фудбалер Јуруков, исто така се пласира во повисок ранг на натпревари.
Со пионерите трет во Југославија
Во меѓувреме, бидејќи селекторот на пионерската селекција на Македонија, Ванчо Трпевски, поради ангажмани во Вардар не можеше да ги води најдобрите македонски пионери на сојузниот турнир во Борово, како тренер селектор беше одреден Голац.
– Ми беше чест да ја водам пионерската репрезентација, во која според претходниот избор на Трпевски имаше најмногу фудбалери, дури седум од Тиквеш. Меѓу нив беше и голманот Милков, кој уште како пионерче се истакнуваше, а во подоцнежните години стана еден од најдобрите голмани во Македонија. Со уфрлање фудбалери од другите клубови, во кои особено се негуваше пионерскиот фудбал, формиравме една цврста екипа. Настапите ги почнавме добро и по првата фаза бевме втори во групата. Така се создаде шанса да се бориме за бронзениот медал со второпласираната екипа од другата група, во неизвесен натпревар остваривме победа и станавме трети во поранешна Југославија, што претставуваше убав успех не само за пионерскиот туку воопшто за македонскиот фудбал. Јас и денес се сеќавам на игрите во Борово и тие остануваат во мојата меморија како нешто убаво ретко доживеано – вели Голац.
Колку беше ценет како вреден и квалитетен тренер Стојановски-Голац, потврдува и фактот што еден период заедно со Томче Коцевски ја водеа и аматерската репрезентација на Скопје.
– Во поранешна Југославија имаше еден разгранет систем на натпревари, па, така, посебно место заземаа и дуелите меѓу градските репрезентации. Ние за овие натпревари ги имавме на располагање фудбалерите што настапуваа во македонското првенство, но и во Втората југословенска лига. И на тие средби се демонстрираше квалитетна игра, а ова е шанса да кажам дека Македонија преку голманот Кирил Лазов имаше и претставник во аматерската репрезентација на Југославија – рече Голац.
Тренерската кариера Голац ја заврши во Ѓорче Петров, каде што, исто како во Скопје 63, работеше заедно со Јуруков. Тука веќе почувствува оти е уморен од долгогодишните тренерски ангажмани и конечно се збогува со оваа професија. Меѓутоа, зад себе остави голема трага, која и денес нѐ потсетува на тоа дека тука, меѓу нас, на фудбалскиот терен се движел еден голем стручњак, омилен меѓу фудбалерите.
Пораката од Џиџи го разнежи
Во текот на долгогодишната кариера Стојан Стојановски беше тренер на многу познати фудбалери, меѓу кои беа Борче Мицевски-Чифте, Мутибариќ, Никола Илиевски-Џиџи и многу други. Меѓутоа, со гордост и големо задоволство ми ја покажа роденденската порака на Вибер од Џиџи, која многу го разнежи, зашто тој на роденденската торта имаше напишано: „За мојот најдобар тренер“.
Голац во текот на фудбалската кариера не ја запоставуваше ни својата професија. Заедно со својот брат Бошко четириесетина години работеа во механичарската работилница лоцирана зад управната зграда на „Технометал“, во центарот на Скопје. Одржувањето и поправките на машините за пишување беа нивна специјалност, а тие беа и овластени застапници за Македонија на „Емона“ и на „Товарна“ од Љубљана. Се сеќавам кога Голац доаѓаше, барем еднаш во месецот и во МТВ, да види дали има некаков проблем со машините „оливети“, „бисер“ или „марица“, бидејќи тој и брат му беа ангажирани од раководството за нивно одржување. При тие посети, се разбира, најмногу се задржуваше во спортската редакција. Тука на муабетот, главно за фудбалот, му немаше крај.
И за крај од ова претставување на дебармаалската легенда Голац, еден негов гест што пријатно ме изненади. Имено, неодамна, едно пладне, дојде кај мене во дворот, седнавме да поразговараме и во еден момент ми подаде една ќеса. Ми рече да ја отворам. И кога во неа што ќе видам, автобиографската книга на сер Алекс Фергусон.
– Еве, ти ја подарувам за син ти Горазд, нему како тренер може многу да му користи, јас своето во фудбалот го завршив – рече тој.
Бев пријатно изненаден, занемев и одвај изустив збор за благодарност. Голац замина со зборовите: Кога ќе затопли времето, ќе дојдам повторно кај тебе во дворов на муабет.