Фото: ЕПА

Дејвид Мојс, кој го предводеше Вест хем до победа во финалето на Конференциската лига во 2023 година, објаснува што му се врти во умот на тренерот додека часовникот отчукува и додека трофејот уште не е освоен, пишува УЕФА

ФУДБАЛ – УЕФА

Финалињата на Конференциската лига често се тесни, борбени, во кратката историја на ова фудбалско натпреварување, секое се решаваше со разлика од еден гол, а тие финалиња покажаа и дека можат да донесат доцна разврска. Како е да се биде во кожата на тренерите додека часовникот отчукува во едно големо финале и како тие одржуваат бистра глава среде толку висока напнатост и со премногу емоции?, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
– Ситуацијата и нивото на противникот може да имаат улога во вашето одлучување во последните фази од еден меч, но верувам дека да имате студена глава или да имате луѓе околу вас да ви помагаат во тие незгодни ситуации, секогаш ќе биде корисно – рече Дејвид Мојс, менаџер на Вест хем и член на Техничката група на УЕФА, кога победи во Конференциската лига во 2023 година.
Објаснувајќи го текот на мислите што би можеле да поминат низ главата на тренерот во таа фаза од натпреварот, Мојс, сега тренер на Евертон, вели: „Можеби се подготвувате за продолженијата и, длабоко во вашиот ум, можеби почнувате да мислите дека пеналите можеби не се премногу далеку, со оглед на тоа како се одвива натпреварот. Ако се работи за лигашки меч, може да гледате поинаку, но во финале, нерешениот резултат и одведувањето на дуелот во продолженија понекогаш може да ѝ даде на вашата екипа поголеми шанси за победа, можеби затоа што противникот може да биде многу подобар“. Тука е и прашањето за замените, што носи свои прашања. Мојс верува дека потенцијалните награди се поголеми од кога било денес, кога тренерот може да направи до пет промени и шеста во продолженијата.
– Мислам дека многу тимови сега неверојатно добро ги користат замените, што им даде нов поттик на тимовите да постигнуваат голови подоцна – вели тој.
Не е само Конференциската лига таа што имаше тесни финалиња во претходните сезони. Четири од петте финалиња во Лигата на шампионите од 2020 до 2024 година завршија со резултат 1-0, а тоа е најчестиот резултат во 69-те години од финалињата во тоа натпреварување (19 пати), пишува УЕФА.
– Многу често, тимовите што поведуваат се наоѓаат како тим што е под притисок во другите делови од мечевите. Има многу од тоа во фудбалот во моментов. Да го постигнете првиот гол може да ви даде шанса да играте малку подлабоко, а тимот што губи мора да се обиде да се врати во игра – рече Мојс.
Дали е речиси неизбежно високите влогови да донесат дополнителен степен претпазливост? Според Мојс, таквите пригоди може да се чувствуваат тешки. Покрај тоа што го претставуваат клубот, играчите може да чувствуваат дека ги претставуваат и нивните семејства, во мечеви што често може да се чувствуваат како врв во кариерата по години пожртвуваност и напор, пишува УЕФА. Истото тоа може да се каже и за самиот Мојс и за таа вечер кога го освои својот прв голем трофеј како тренер. Дури и најдобрите моменти, како што е финалето во 2023 година, го носат притисокот што доаѓа од стоењето во техничкиот дел со рефлектор вперен во вас.

– Вие сте личноста од која се очекува да донесе правилни одлуки и, како и секое друго човечко суштество, можете да донесувате погрешни одлуки. Но, денес, имаме многу луѓе околу нас што се технички многу добри во разбирањето на играта. Има и многу аналитичари што можат да дадат информации во одредени ситуации. Тренерите сега добија малку поголема помош, но генерално тренерот е тој што ќе живее според своите одлуки – вели Мојс.
И одлучувањето на Мојс секако даде плод во тоа финале, откако Лукас Пакета му асистира на Боувен за постигнатиот гол пред крајот на дуелот. Се враќаме на неговиот мисловен процес кога се приближуваше последниот свиреж на судијата во таа јунска вечер во Прага.
– Како што течеше мечот, се обидувавме да најдеме начин да го доведеме Пакета на покреативни позиции. Тој доби можност да го изведе додавањето до Боувен. Верувам дека големите играчи се тие од кои се очекува да се појават на големите натпревари, барем од перспектива на тренерот, а Пакета да направи додавање, Бовен да биде реализатор на тоа додавање, веројатно не можев да побарам подобра комбинација во тој момент од натпреварот. Се надевате дека ќе ги доведете играчите на вистинското место во вистинско време. Луѓе што можат да направат додавање, луѓе што можат да постигнат гол, луѓе што можат да нафрлат, што и да ви треба, и во тој момент, додавањето, трчањето и финишот беа она што ни требаше – се сеќава тој на мечот на Вест хем, кој освои прв голем европски трофеј по 1965 година, пишува УЕФА. Н.М.