Фото: ЕПА

Во трка по трофеите во Лигата на шампионите и во домашните натпреварувања, првенството и купот, сезонава се Манчестер сити, Сосиедад, Атлетико Мадрид, Лацио, ПСЖ и Порто. Атлетико игра и за влез во уште еден трофеен клуб

ФУДБАЛ

Со почетокот на вториот дел од сезоната во европските фудбалски купови, за некои клубови продолжи и трката по редок успех, т.н. тројна круна. Шест тима од пет земји се кандидати сезонава за освојување на трофеите во Лигата на шампионите, како и во домашните натпреварувања, првенството и купот.
Во трка по тројната круна се осминафиналистите во Лигата на шампионите (ЛШ), Манчестер сити, Сосиедад, Атлетико Мадрид, Лацио, ПСЖ и Порто. Актуелниот европски првак и освојувач на тројната круна, Манчестер сити, е втор во Премиер-лигата и осминафиналист во ФА-купот на Англија, Сосиедад е седмопласиран во првенството и се пласира во полуфиналето во Купот на Шпанија, Атлетико Мадрид е на четвртото место во Шпанија и е полуфиналист во Купот, Лацио е осми во италијанската Серија А и е во полуфиналето во Купот на Италија, ПСЖ е водечки во првенството на Франција и четвртфиналист на Купот на таа земја, а Порто е третопласиран во првенството и е меѓу осумте најдобри тима во Купот на Португалија.
Во историјата на европскиот фудбал досега осум клуба оствариле ваков успех, три трофеи во една сезона, вклучувајќи ја европската титула. По двапати тоа им успеа на Барселона и на Баерн, а по еднаш на Селтик, Ајакс, ПСВ Ајндховен, Манчестер јунајтед, Интер и на Манчестер сити. Прв тројна круна освои Селтик (во сезоната 1966/1967), Барселона прва двапати стигна до таков успех (сезони 2008/2009 и 2014/2015), а Манчестер сити може да стане првиот со две сезони по ред со освоени по три големи трофеи.
Од годинашните осминафиналисти на Лигата на шампионите, Атлетико Мадрид, пак, се натпреварува и за комплетирање на три од најголемите европски трофеи, откако претходно победи во Лига Европа (трипати) и во некогашниот Куп на победниците на куповите (еднаш). Во овој трофеен клуб од претходно се Јувентус, Баерн, Ајакс, Челси и Манчестер јунајтед.
ЛШ продолжи во вторникот со првите дуели од осминафиналето (реваншите се во март), Лајпциг – Реал Мадрид (0-1) и Копенхаген – Манчестер сити (1-3), а синоќа на програмата беа средбите ПСЖ – Сосиедад и Лацио – Баерн. Идната недела се и натпреварите Интер – Атлетико Мадрид, ПСВ Ајндховен – Борусија Дортмунд, Порто – Арсенал и Наполи – Барселона. Н.М.


КАНДИДАТИ ЗА ТРОЈНА КРУНА СЕЗОНАВА

КЛУБ (ЗЕМЈА) ЛШ ПРВ. КУП
ПСЖ (Франција) осминафинале 1 четврт-финале
Манчестер С. (Англија) осминафинале 2 осминафинале
Порто (Португалија) осминафинале 3 четврт-финале
Атлетико М. (Шпанија) осминафинале 4 полуфинале
Сосиедад (Шпанија) осминафинале 7 полуфинале
Лацио (Италија) осминафинале 8 полуфинале
пласманите во трите натпреварувања се моментни

ДОСЕГАШНИ ОСВОЈУВАЧИ НА ТРИ ТРОФЕИ ВО ЕДНА СЕЗОНА

КЛУБ (ЗЕМЈА) СЕЗОНА
Барселона (Шпанија) 2008/2009 и 2014/2015
Баерн (Германија) 2012/2013 и 2019/2020
Селтик (Шкотска) 1966/1967
Ајакс (Холандија) 1971/1973
ПСВ Ајндховен (Холандија) 1987/1988
Манчестер јунајтед (Англија) 1998/1999
Интер (Италија) 2009/2010
Манчестер сити (Англија) 2022/2023