Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Во споредба со минатата сезона, низ главните лиги во Европа има значително зголемување на бројот на голови постигнати преку корнери. Меѓу водечките европски домашни првенства, Премиерлигата има регистрирано најголем удел на голови од корнери во претходните две сезони. Рекордни 19 отсто од сите голови по девет кола во Премиерлигата сезонава се постигнати по корнери, што е највисок удел во историјата на натпреварувањето, а вкупно од прекини 27,8 проценти, втор највисок во Англија и значително зголемување во однос на која било сезона во изминатата деценија, пишува „Би-би-си“

По девет кола од сезоната во англиската фудбалска Премиерлига, постигнувањето голови од прекини досега беше главната тема, па слободните удари, далечните уфрлања од аут и корнерите се во мода до таа мера што Арсенал моментално е на врвот на табелата и покрај тоа што постигна само пет гола од отворена игра (по девет кола), пишува „Би-би-си“.

Рекорди

Не толку одамна во Премиерлигата имаше време кога постигнувањето голови од слободен удар или по корнер се сметаше за безбедна тактика на таканаречените послаби тимови, кои можеа да ги изненадат попознатите противници со центрирање во преполниот шеснаесетник. Но веќе не е така. Тактиките што некогаш се славеа во влажните услови на одредени терени во англиската фудбалска Премиерлига сега се врв на модата за водечките тимови во натпреварувањето.
По девет кола, рекордни 19 отсто од сите голови во Премиерлигата сезонава се постигнати по корнери (45 од 241), највисок удел во историјата на натпреварувањето. Вкупно 67 гола се постигнати од прекини (без пеналите) со удел од 27,8 проценти, втор највисок процент во Премиерлигата и значително зголемување во однос на која било сезона во изминатата деценија, пишува „Би-би-си“.
Лидерот во Премиерлигата, Арсенал, беше на чело на промената под водство на тренерот Микел Артета, постигнувајќи неспоредливи девет погодока од прекини (без пеналите) сезонава (по девет кола). „Топчиите“, кои го ангажираа тренерот за прекини Николас Жовер пред четири години, се особено ефикасни по изведени корнери, постигнувајќи 37 гола од такви ситуации од почетокот на сезоната 2023/2024, најмалку 11 повеќе од кој било друг тим во петте најголеми европски лиги, пишува „Би-би-си“.

„Мора да се најдат начини да се постигнат голови“

Артета вели дека подобрувањата во тренерската работа, тактичката поставеност и кондицијата на фудбалерите значат дека головите во отворена игра се потешко достапни.
По победата со 1-0 на дуелот со Кристал палас дома, неодамна, во која Еберечи Езе постигна гол по прекин, Артета рече: „Забележуваме промена. Во моментот кога физичката активност се зголемува, методите што се имплементираат се поефикасни и играта е потешка за играње, бидејќи можете да ги ограничите просторите, затоа што физички сте подобри. Мора да најдете начини да постигнете гол на различни начини и тоа е она што мислам дека сите се обидуваат да го направат“.
Нема сомнение дека другите екипи се фокусираат повеќе на постигнување голови од прекин, особено од корнери, пишува „Би-би-си“. Во споредба со минатата сезона, низ главните лиги во Европа има значително зголемување на бројот на голови постигнати преку корнери. Меѓу водечките европски домашни првенства, Премиерлигата има регистрирано најголем удел на голови од корнери во претходните две сезони.
– Прекините се многу клучни. Во моментов Арсенал е на добар пат за титулата по прекини – рече тренерот на Тотенхем, Томас Франк, по победата на Тотенхем со 3-0 на средбата со Евертон на гости во минатото коло, во која Мики ван де Вен ги постигна првите два гола по корнери.
Целењето на корнери не е единственото тактичко враќање назад што се случува во англиската фудбалска Премиер-лига. Далечните уфрлања од аут, популаризирани од поранешниот фудбалер од средниот ред на Стоук, Рори Делап, помеѓу 2008 и 2012 година, исто така, се во пораст. Брентфорд, под водство на поранешниот тренер за прекини Кит Ендрус, ја искористи таа тактика особено ефикасно сезонава, преку дефанзивецот Мајкл Кајод, пишува „Би-би-си“.
Неговите долги уфрлања од аут се покажаа како исклучително моќно оружје, а едно од нив доведе до првиот гол на Данго Уатара во победата со 3-2 на средбата Ливерпул неодамна, еден од осумте гола во лигата што Брентфорд ги постигна од прекин од почетокот на минатата сезона.
– Тие се многу добар тим во освојувањето дуели и т.н. втори топки и мора да им се оддаде признание за тоа. Исто така, тешко е да се добие фудбалски натпревар ако рамнотежата помеѓу прекините е во нивна корист – изјави тренерот на Ливерпул, Арне Слот, пренесе „Би-би-си“.

Дали ќе останат прекините?

По девет кола во Премиерлигата, Арсенал и Тотенхем беа на првото, односно на третото место во Премиерлигата според постигнати голови од прекини (без пеналите), што ја нагласува ефикасноста на таа тактика, а по девет меча сезонава Ливерпул беше еден од само трите тима од Премиерлигата што не постигнале гол по корнер или индиректен слободен удар сезонава, пишува „Би-би-си“.
– Дефинитивно мора да се подобриме, бидејќи гледам и тимови во Премиерлигата што победуваат на натпреварите преку прекини, а ние губиме натпревари поради прекини – рече Слот по поразот со 2-1 од Кристал палас сезонава, во кој Ливерпул прими погодок по изведен аут, пишува „Би-би-си“.
По сѐ, прекините би можеле да бидат клучни на двата краја од табелата на крајот од сезоната, пишува „Би-би-си“. Н.М.


Процент на голови по корнери во најголемите европски лиги

ПРВЕНСТВО СЕЗ. 2024/25 СЕЗ. 2025/26
Англија 12,1 % 18,7 %
Германија 12,0 % 12,6 %
Италија 11,6 % 17,6 %
Франција 11,2 % 16,0 %
Шпанија 11,3 % 13,8 %
Извор: „Опта“, пренесе „Би-би-си“

Најефикасни по корнери во петте најголеми европски лиги

ТИМ ГОЛОВИ
Арсенал 37
Борусија М. 26
Интер 25
Баер 24
Тотенхем 24
головите се од почетокот на сезоната 2023/2024

Извор: „Би-би-си“