Фото: ЕПА

Италија со освојувањето на второто место во групата Б на ЕП 2024 стана шестата репрезентација што како бранител на трофејот се пласира во следната рунда на натпреварувањето по групната фаза. Претходно тоа го направија репрезентациите на Чехословачка (ЕП 1980), Холандија (ЕП 1992), Франција (ЕП 2004), Шпанија (ЕП 2012 и ЕП 2016) и на Португалија (ЕП 2020)

ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА

Седми пат откако на европските првенства (ЕП) во фудбал се игра во групи актуелниот европски првак се пласира понатаму по комплетирањето на групната фаза. Италија со освојувањето на второто место во групата Б на ЕП 2024 што се игра во Германија стана шестата репрезентација што како бранител на трофејот се пласирала во следната, нокаут-рунда на натпреварувањето.
На европските шампионати во групи се игра од ЕП 1980 и оттогаш до ЕП 2020 само една репрезентација што била актуелен шампион одиграла повеќе од еден елиминациски меч по групната фаза на следниот континентален собир. Од 1960 до 1976 година европските првенства се играа со по четири репрезентации (полуфинале, меч за третото место и финале). Од 1980 до 1992 година настапуваа по осум селекции (две групи, па полуфинале и финале, освен во 1980 година, кога прваците на групите играа во финалето, а второпласираните во мечот за бронзата), од 1996 до 2012 година учествуваа по 16 репрезентации (четири групи, па четврт-финале, полуфинале и финале), а од 2016 година играат по 24 селекции (шест групи, па осминафинале, четврт-финале, полуфинале и финале).
Репрезентацијата на некогашна Чехословачка, која беше европски првак во 1976 година, го освои второто место во својата група на ЕП 1980 и, според тогашните правила, играше (и победи) во мечот за третото место.
Пласман понатаму потоа оствари Холандија, која по титулата во 1988 година, на ЕП 1992 стигна до полуфиналето, што исто така тогаш тоа беше прв елиминациски натпревар по групната фаза.
На следен ваков исчекор на актуелен европски првак одново се чекаше 12 години, кога шампионот од 2000 година, Франција, на ЕП 2004 играше во четврт-финалето (и тоа беше прва нокаут-фаза по играњето во групи).
Првиот поголем напредок на актуелен европски фудбалски шампион го направи селекцијата на Шпанија, откако по титулата во 2008 година и на следното ЕП, четири години подоцна, го освои трофејот. Потоа, на ЕП 2016, тогашниот европски шампион Шпанија играше во осминафиналето (од тоа првенство осминафиналето е прва нокаут-фаза на ЕП), каде што настапи и континенталниот првак од 2016 година, Португалија, на следниот шампионат, игран во 2021 година.
Од другите европски прваци од 1980 година, групната фаза на шампионатот на кој ја бранеле титулата не ја поминаа репрезентациите на Германија (на ЕП 1984 и на ЕП 2000), Данска (на ЕП 1996) и на Грција (на ЕП 2008), а Франција го освои европскиот трофеј на ЕП 1984, но не се пласира на ЕП 1988. Н.М.


УСПЕСИ НА ПРВАЦИТЕ НА СЛЕДНОТО ЕП

РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА ПРВАК СЛЕДНО ЕП
Чехословачка 1976 г. трето место на ЕП 1980
Германија 1980 г. групна фаза на ЕП 1984
Франција 1984 г. не се пласира на ЕП 1988
Холандија 1988 г. полуфинале на ЕП 1992
Данска 1992 г. групна фаза на ЕП 1996
Германија 1996 г. групна фаза на ЕП 2000
Франција 2000 г. четврт-финале на ЕП 2004
Грција 2004 г. групна фаза на ЕП 2008
Шпанија 2008 г. првак на ЕП 2012
Шпанија 2012 г. осминафинале на ЕП 2016
Португалија 2016 г. осминафинале на ЕП 2020
Италија 2021 г. ?

Податоците се за европските првенства на кои се играла групна фаза, од ЕП 1980