ФУДБАЛ – ТЕСТ-МЕЧ ВО ДАБЛИН
- Сега сме целосно фокусирани на Ирска. Не постојат пријателски натпревари, секој меч го играме за победа. Сакаме да се надигруваме со секого и да покажеме квалитет, како што сме знаеле и претходно, вели репрезентативецот Ѓоко Зајков, пренесе ФФМ
Седмиот меѓусебен дуел на фудбалските репрезентации на Македонија и на Република Ирска е вечерва (од 20.45 часот) во Даблин, а тоа ќе биде прва пријателска средба меѓу тие две селекции. Двете репрезентации пред неколку дена загубија на гости во полуфиналето на плејофот за пласман на Светското првенство (СП) годинава во САД, Мексико и во Канада, Македонија од Данска, а Р Ирска од Чешка.
– Мислам дека одигравме многу добро прво полувреме против Данска, но потоа се случи еден брз и неочекуван гол. Тоа беше на самиот почеток на второто полувреме и малку нѐ дестабилизира. Се виде дека влеговме во шок и кратка деконцентрација, што противникот го искористи. Станува збор за квалитетна репрезентација, но од наша страна продолжуваме понатаму. Нѐ очекува натпревар со Ирска и треба да гледаме напред, со кренати глави и со атмосфера на највисоко ниво. Верувам дека нѐ очекуваат добри натпревари. Ова е само почеток. Натпреварот со Данска беше прв со нов селектор, со нова визија и пристап. Имаме квалитет, само треба да го склопиме во целина – изјави репрезентативецот Љупче Дориев, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Досегашните мечеви меѓу Македонија и Република Ирска беа играни во квалификации, четири пати за европските, двапати за светските првенства, а претходен пат двете репрезентации се сретнаа пред 15 години.
– Данска навистина е квалитетен противник. Се боревме добро во првото полувреме и се обидовме да затвориме на сите позиции. За жал, во второто полувреме дојде до пад на концентрацијата и примивме гол. По направената анализа, јасно е дека имаше неочекуван пад по првиот примен гол. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, кога ќе примиме гол, да не паѓаме како екипа, туку да се издигнеме и да реагираме подобро. Сега сме целосно фокусирани на Ирска. Не постојат пријателски натпревари, секој меч го играме за победа. Сакаме да се надигруваме со секого и да покажеме квалитет, како што сме знаеле и претходно. Многу е важно и од психолошки аспект да одговориме по поразот од Данска. Со добар резултат можеме побрзо да го оставиме тој натпревар зад нас и да изгледаме подобро во следните предизвици и квалификации – вели репрезентативецот Ѓоко Зајков, пренесе ФФМ. Н.М.
































