ФУДБАЛ – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА НОВАТА СЕЗОНА НА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ
- Ќе се трудиме да го наметнеме нашиот стил на игра, дисциплиниран, организиран и храбар. Да покажеме дека Македонија со право е дел од лигата Б. Имаме генерација што веќе е зрела, имаме јасна идеја како сакаме да изгледаме на теренот и треба да веруваме во квалитетот. Со максимален фокус, посветеност и со тимски дух, верувам дека можеме да одговориме на предизвикот, изјави селекторот Гоце Седлоски
Македонската фудбалска репрезентација првпат ќе игра со Швајцарија, по седум години ќе се сретне со Словенија, а по 13 со Шкотска, во групата 1 на лигата Б во Лигата на нациите. Македонија е дебитант во лигата Б, откако во минатата сезона на Лигата на нациите победи во својата група, во лигата Ц, и се пласира еден ранг погоре.
– Шкотска и Швајцарија се главните фаворити во групата. Станува збор за две селекции со континуитет на настапи на големи натпреварувања, учесници и на претстојното Светско првенство. Имаат квалитет и искуство на највисоко ниво. Тоа доволно зборува за предизвикот што нѐ очекува. Но во овој циклус не влегуваме со улога на аутсајдер. Нашата цел е да бидеме конкурентни на секој натпревар, без разлика дали играме дома или на гости. Ќе се трудиме да го наметнеме нашиот стил на игра, дисциплиниран, организиран и храбар. Да покажеме дека Македонија со право е дел од лигата Б. Имаме генерација што веќе е зрела, имаме јасна идеја како сакаме да изгледаме на теренот и треба да веруваме во квалитетот. Со максимален фокус, посветеност и со тимски дух, верувам дека можеме да одговориме на предизвикот – изјави селекторот Гоце Седлоски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Швајцарија ќе биде 50-та репрезентација со која ќе се сретне Македонија, од вкупно 55 земји членки на Европската фудбалска унија (УЕФА). Од европските селекции, црвено-жолтите досега не одиграле натпревар и со репрезентациите на Франција, Грција, Северна Ирска и на Сан Марино. Од другите ривали во групата 1 на лигата Б, црвено-жолтите одиграа четири меча со Шкотска, сите во квалификации за светските првенства (СП), за шампионатите во 2010 и во 2014 година (Македонија има по една победа и реми и два пораза). Македонската репрезентација одигра седум меча со Словенија (четири победи, две ремија, еден пораз), од тоа пет пријателски средби (три победи и по едно реми и пораз) и две во квалификациите за Европското првенство во 2020 година (победа и нерешен резултат).
Победниците на групите во лигата Б ќе се пласираат во највисокиот ранг, лигата А, второпласираните ќе играат во плејофот за пласман во елитната група, третопласираните ќе настапат во доигрувањето за опстанок во лигата Б, а репрезентациите на четвртото место ќе се преселат во лигата Ц.
Првите четири кола на програмата се од 24 септември до 6 октомври, а петтото и шестото коло од 12 до 17 ноември. Се очекува новата сезона на Лигата на нациите да биде поврзана со квалификациите за пласман на Европското првенство во 2028 година, преку плејофот, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Актуелниот победник на Лигата на нациите, репрезентацијата на Португалија, е во групата 4, во лигата А, со Данска, Норвешка и со Велс. Данска и Португалија играа меѓу себе во четврт-финалето минатата сезона. Во другите групи од највисокиот ранг ќе играат Франција, Италија, Белгија и Турција во групата 1, Германија, Холандија, Србија и Грција во групата 2 и Шпанија, Хрватска, Англија и Чешка во групата 3. Шпанија и Англија играа во финалето на Европското првенство во 2024 година. Првите две селекции од секоја група ќе се пласираат во четврт-финалето. Досегашни победници на Лигата на нациите се Португалија (во 2019 и во 2025 година), Франција (2021 година) и Шпанија (2023 година). Н.М.
ЛИГА НА НАЦИИ, СЕЗОНА 2026/2027
ЛИГА А
Група 1: Франција, Италија, Белгија, Турција
Група 2: Германија, Холандија, Србија, Грција
Група 3: Шпанија, Хрватска, Англија, Чешка
Група 4: Португалија, Данска, Норвешка, Велс
ЛИГА Б
Група 1: Македонија, Шкотска, Швајцарија, Словенија
Група 2: Унгарија, Украина, Грузија, Северна Ирска
Група 3: Израел, Австрија, Република Ирска, Косово
Група 4: Полска, БиХ, Романија, Шведска
ЛИГА Ц
Група 1: Албанија, Финска, Белорусија, Сан Марино
Група 2: Црна Гора, Ерменија, Кипар, Гибралтар/Летонија
Група 3: Казахстан, Словачка, Фарски Острови, Молдавија
Група 4: Исланд, Бугарија, Естонија, Луксембург/Малта*
ЛИГА Д
Група 1: Гибралтар/Летонија, Луксембург/Малта, Андора
Група 2: Литванија, Азербејџан, Лихтенштајн































