КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2026

  • Селекторот Седлоски повика 28 фудбалери за претстојниот плејоф за пласман на Светското првенство. Македонија во полуфиналето ќе игра со Данска на 26 март во Копенхаген

Гоце Седлоски, селекторот на македонската репрезентација, повика 28 фудбалери за претстојните натпревари за пласман на Светското првенство годинава во САД, Мексико и во Канада. Македонија во полуфиналето ќе игра со Данска на 26 март (од 20.45 часот) во Копенхаген, а победникот на таа средба ќе игра во доигрувањето за финалето, на 31 март, на гости, кај победникот на мечот Чешка – Република Ирска. Во составот се тројца што првпат ќе го носат дресот на македонската репрезентација, дефанзивецот на Борац Бања Лука (БиХ), Себастијан Ерера, стоперот на Шкендија, Имран Фетаи, и напаѓачот на Сиетл (САД), Дени Мусовски, а има и фудбалери што по извесна пауза повторно се дел од најдобрата селекција, и тоа Бобан Николов од Вардар, Љупче Дориев, кој настапува во првенството на Узбекистан, и Егзон Бејтулаи од Дрита, пишува Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
– Баражот со Данска за пласман на Светското првенство е натпревар што носи голема тежина, но и огромен мотив за сите нас. Времето за подготовка е многу кратко. Токму затоа го задржавме костурот на тимот што настапуваше во претходниот квалификациски циклус. Тоа е група фудбалери што добро се познаваат, имаат изградено хемија и веќе знаат што значи да се игра ваков натпревар. Секако, направивме и одредени освежувања таму каде што сметавме дека е потребно. На списокот има тројца дебитанти, Фетаи, Ерера и Мусовски. Веруваме дека со формата и со квалитетот што го покажуваат заслужија шанса и дека можат да донесат дополнителна енергија во репрезентацијата. Во составот се враќаат и Дориев, Николов и Бејтулаи, фудбалери што добро ги познаваат системот и атмосферата во репрезентацијата и кои во минатото знаеле да дадат важен придонес. Свесни сме дека Данска е врвна репрезентација и дека ја има улогата на фаворит, особено затоа што натпреварот се игра во Копенхаген, но имаме јасна идеја, голема мотивација и верба во фудбалерите.

Нашиот фокус е исклучиво на тоа како ние ќе изгледаме на теренот и како ќе одговориме на предизвикот – рече Седлоски, пренесе ФФМ.
Првиот собир на македонската фудбалска репрезентација за претстојните мечеви е закажан в недела во Скопје.
Состав: голмани: Столе Димитриевски (Валенсија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука), Дејан Илиев (Рапид Букурешт). Одбрана: Езгјан Алиоски (Лугано), Андреј Стојчевски (Словачко), Себастијан Ерера (Борац Бања Лука), Дарко Велковски (Вардар), Ѓоко Зајков (Ајман), Никола Серафимов (Левски), Висар Муслиу (Сен Трујден), Имран Фетаи (Шкендија), Егзон Бејтулаи (Дрита). Среден ред: Елиф Елмас (Наполи), Енис Барди (Коњаспор), Бобан Николов (Вардар), Тихомир Костадинов (Сигма Оломуц), Решат Рамадани (Шкендија), Исник Алими (Далијан), Љупче Дориев (Согдиана), Лука Станковски (Колос Коваливка), Јани Атанасов (АЕЛ Лариса). Напад: Бојан Миовски (Глазгов Ренџерс), Дарко Чурлинов (Коџаели), Милан Ристовски (Бохемијанс), Александар Трајковски (Локомотива Загреб), Елмин Растодер (Тун), Лирим Ќамили (Сондерјиске), Дени Мусовски (Сиетл). Н.М.