Мисијата на Светската фудбалска федерација е годинава да го организира најголемото и најдобро женско СП во историјата, изјави генералната секретарка на ФИФА, Фатма Самура

ФУДБАЛ – НА 100 ДЕНА ДО ПОЧЕТОКОТ НА СП ЗА ЖЕНИ

До почетокот на Светското првенство (СП) во фудбал за жени годинава (20 јули – 20 август) остануваат уште 100 дена, а организаторите на Мундијалот, Австралија и Нов Зеланд, велат дека досега се продадени околу 650.000 влезници, но дека се на пат да продадат рекордни 1,5 милион.
– Мисијата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) е годинава да го организира најголемото и најдобро женско СП во историјата – изјави генералнaтa секретарка на ФИФА, Фатма Самура.
Покрај целта за продажба на 1,5 милион влезници, организаторите предвидуваат дека едномесечниот турнир ќе привлече глобална телевизиска публика од две милијарди гледачи. ФИФА се надева дека повеќе од 100.000 навивачи ќе присуствуваат на денот на отворањето на СП, кога Нов Зеланд ќе игра со победникот од 1995 година, селекцијата на Норвешка, на стадионот „Енден Парк“ (капацитет 50.000 гледачи) во Окленд, додека Австралија ќе се соочи со Република Ирска на стадионот „Австралија“ (капацитет од 83.500) во Сиднеј. Натпреварот во Австралија првично требаше да се игра на фудбалскиот стадион во Сиднеј, кој е со капацитет од 45.500, но беше преместен на поголемо место за да се задоволи големата побарувачка за влезници. Неодамна започна последната фаза од продажбата на влезници – пишува Би-би-си.
Годинашново СП за жени е деветто по ред. На првото во 1991 година во Кина настапиле 12 репрезентации, а првата титула од нивните вкупно четири досега, ја освоија САД.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, предвиде дека изданието за 2023 година ќе биде „најдоброто досега“. Вкупно 32 држави ќе се натпреваруваат на 10 различни места во девет града во Австралија и Нов Зеланд. На СП ќе дебитираат осум селекции, Португалија, Република Ирска, Виетнам, Филипини, Хаити, Панама, Замбија и Мароко. Замбија, рангирана на 77-то место во светот, е најслаборангирана селекција на СП, додека Данска по 16 години повторно ќе биде дел од едно СП.
Седум репрезентации се постојано присутни на мундијалите, се појавија и на претходните осум турнири, а тоа се САД, Германија, Шведска, Бразил, Јапонија, Норвешка и Нигерија. Европскиот шампион Англија, кој го бележи своето шесто учество, ќе игра во Австралија. Ова е прво СП за жени на кое има повеќе од еден домаќин – пишува Би-би-си.
Легендарната бразилска напаѓачка Марта (37) би можела да се појави на нејзиниот шести Мундијал во низа. Таа имаше 17 години кога настапи на СП во 2003 година во САД. Марта неодамна се врати на теренот по тешката повреда на коленото, но го пропушти неодамнешниот натпревар на кој Бразил загуби од Англија во првата женска финалисима.
Други фудбалерки, исто така, би можеле да настапат по шести пат, вклучувајќи ги Канаѓанката Кристин Синклер и Нигеријката Ономе Еби, иако и двете ќе наполнат 40 години пред почетокот на СП. Г.И.