САД, кои ги предводеше македонскиот стратег Влатко Андоновски, загубија од Шведска по изведувањето на пеналите, а тоа значи дека светот ќе добие нов шампион

ФУДБАЛ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ

По драматичната пенал-серија, селекцијата на Шведска ги победи САД со 5-4, предводени од македонскиот стратег Влатко Андоновски. На тој начин САД, кои беа и бранители на титулата, сепак мораа да се збогуваат уште во осминафиналето на Мундијалот кој се одржува во Австралија и Нов Зеланд.
Ова изгледа по малку изненадувачки, ако се знае дека САД се четирикратни светски прваци и деветкратни континентални шампиони (деветтата титула ја освоија во 2022 година под водство на Андоновски). Од ноември лани селекцијата на САД е во серија од 10 победи во низа, со вкупна гол-разлика 24-2.
Американките го одиграа можеби најдобриот натпревар на ова СП, но немаа среќа. Швеѓанките беа потрпеливи при изведувањето на пеналите и смогнаа сили да влезат меѓу осумте најдобри на светот.
Публиката присутна на натпреварот во регуларниот тек и потоа во продолжението не се израдува на постигнат гол. Селекцијата на САД имаше неколку убави можности да ја затресе мрежата на Шведска, но на голот беше извонредната Мушовиќ, која бранеше одлично и не дозволи топката да се најде во нејзината мрежа.
Во пенал-рулетот што следуваше потоа, САД имаа двапати можност со погодок да ги завршат предвреме ударите од 11 метри, но не успеаја. Првата можност не ја искористи искусната Рапино, а втората Смит. По седум серии и многу неизвесност на теренот, на крајот се радуваа Швеѓанките, кои во четврт-финалето ќе играат против Јапонија, која претходно, пак, со 3-1 беше подобра од Норвешка.
Во вториот вчерашен натпревар, Холандија беше сигурна и со 2-0 ја совлада Јужна Африка, па во четвртфиналето ќе се сретне со Шпанија, која, пак, претходно беше поуспешна од Швајцарија, совладувајќи ја со 5-1.
Во другите осминафинални двојки се среќаваат, Англија – Нигерија и Австралија – Данска (денеска), Кореја – Јамајка и Франција Мароко (утре).
Годинашниот Мундијал е проширен на 32 селекции и ќе се одиграат вкупно 64 натпревари. Г.И.