ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ
Португалија вторпат победи во Лигата на нациите, откако во финалето го совлада европскиот првак Шпанија на пенали. За Португалија тоа е трет трофеј (има и европска титула од 2016 година)
Имам многу титули со моите клубови, но ништо не е подобро од победа за Португалија, изјави Кристијано Роналдо (40), капитен на репрезентацијата на Португалија, која го освои трофејот во Лигата на нациите, во неделата, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Португалија, која вторпат победи во Лигата на нациите, по триумфот во првото издание, во 2019 година, во финалето во Минхен (Германија) го совлада европскиот првак Шпанија на пенали, 5-3, откако по 120 минути игра резултатот беше нерешен, 2-2. За Португалија тоа е трет трофеј, бидејќи има и европска титула од 2016 година.
– Кога работиме повеќе од 30 натпревари, почнуваме да гледаме самодоверба, издржливост, доверба и квалитет. Квалитетот плус другите вредности ви помагаат да освојувате трофеи. Ние немаме само тим, имаме 16-17 играчи на исто ниво, а како селектор имам многу опции и можам да сменам различни концепти. Тоа е различен тим од оној кога почнав, имаме повеќе карактер и самодоверба – вели Роберто Мартинез, селектор на Португалија, пренесе Европската фудбалска унија (УЕФА).
Уште еден трофеј за Роналдо, нови рекорди… Победата во финалето е три дена откако тој ѝ помогна на Португалија да ја постигне првата победа над Германија по 25 години, постигнувајќи го победничкиот гол за 2-1 во полуфиналето на Лигата на нациите. Во неделата тој повторно ја предводеше репрезентацијата, а постигна и нов погодок, за 2-2, негов 138. гол на неговиот рекорден 221. настап за Португалија.
Никој никогаш не постигнал повеќе голови за една репрезентација, пишува АП.
Роналдо продолжи да се обидува, но во 88. минута беше заменет, поздравен со стоечки овации од гледачите, пишува АП. Роналдо рече дека имал повреда.
– Веќе го почувствував за време на загревањето, го чувствував веќе некое време, но за репрезентацијата, ако требаше да ја скршам ногата, ќе ја скршев. Тоа е за трофеј, морав да играм и дадов сѐ од себе – рече Роналдо, пренесе АП.
Третото место во Лигата на нациите за сезонава го освои Франција, по победата на средбата со Германија, со 2-0.