Тие даваат уникатен увид во техничките, тактичките, физичките и психолошките вештини потребни за да се истакнат на позициите во средниот ред на највисоките нивоа на натпревари
ФУДБАЛ – НОВО ИЗДАНИЕ НА „ТЕХНИЧАР“ НА УЕФА
Најновото издание на списанието „Техничар“ на Европската фудбалска унија (УЕФА) содржи увид од светските фудбалери од средниот ред, Родри, Кевин де Брујне и Аитана Бонмати, како и ажурирања од најновите работи на УЕФА за елитниот развој на младите, голманите, развојот на женски тренери и анализа на перформансите, пишува УЕФА. Родри, Де Брујне и Бонмати даваат уникатен увид во техничките, тактичките, физичките и психолошките вештини потребни за да се истакнат на позициите во средниот ред на највисоките нивоа на натпревари. Родри, репрезентативец на Шпанија и член на Манчестер сити, објаснува како позиционирањето и брзината на движењето се поважни од физичката сила, важноста да се контролира темпото на играта и да се проучува каде ќе одат т.н. втори топки.
– Често луѓето мислат дека ја освојувате топката со притисок на играчот што ја има топката, но во денешно време повеќето фудбалери навистина се вешти. Тие навистина добро ги читаат различните ситуации и повообичаено е да се освои топката со предвидување каде ќе се одигра таа втора топка, наместо со пресретнување од тој што ја има топката. Важно е да се прочита каде ќе се играат тие втори топки. Треба да проучите каде и кога се случуваат овие ситуации. Ако сте паметни, можете да предвидите и да правите работи подобро од другите. Мислам дека еден од клучните аспекти во средниот ред е брзината со која ја движите топката или брзината што ја внесувате во играта. Оваа брзина ја добивате со ориентирање на вашето тело, добро контролирајќи ја топката, користејќи го вашето тело… Сите овие се многу важни вештини во средниот ред – вели Родри, добитник на „златната топка“.
Според играчот од средниот ред на Белгија и на Манчестер сити, Де Брујне, не треба да се потцени подготвеноста да се поминат големи растојанија за да се задоволат барањата на улогата на највисоко ниво на играта, пишува УЕФА.
– Мислам дека луѓето знаат што можам да направам со мудро додавање топка и со креативност. Но во мојот начин на размислување дури и ако имам лош меч, сепак, ќе бидам еден од момците што најмногу трчаат, кои уште го притискаат другиот тим и мислам дека тоа е пример за сите други. Играјќи во средниот ред, немате многу простор. Би рекол дека размислувањето за ориентацијата на телото е една од најважните работи што треба да ги правите како играч од средниот ред, да видите каде е просторот, каде ќе одите со топката или што се случува околу вас. Дури и ако топката е далеку, вие погледнете околу себе и обидете се да видите какви празни места има, дури и кога ќе ја примите топката, вие направете го истото тоа, ќе ја добиете топката и, ако вашата контрола е добра, ја добивате таа мала секунда да погледнете и да добиете друга слика – вели Де Брујне.
Офанзивната фудбалерка за врска на Шпанија и на Барселона, Бонмати, уште една добитничка на „златна топка“, објаснува зошто големината не ја спречува да биде физички силна и ги истакнува важноста на тимската работа, комуникацијата и менталитетот, пишува УЕФА.
– Иако сум мала, тоа не значи дека не сум физички силна. Понекогаш го имаме стереотипот дека за да бидеш физички силен треба да бидеш голем, но мислам дека да се биде физички силен е многу повеќе од тоа. Затоа секогаш се трудам да ја донесам мојата вредност во одбраната, како и во фазата на напад. Мислам дека она што ме карактеризира, и тоа е нешто на што му придавам големо значење, е мојот менталитет; победнички, конкурентен, амбициозен. Мислам дека тоа е причината поради која станав играчот што сум денес. Менталитетот е она што ве носи во друга димензија. Можеби имаш талент, можеби многу добро ја разбираш играта, но без таа трошка амбиција, таа волја за победа, за конкурентност, мислам дека би било тешко да се постигне сѐ што сме постигнале. Мислам дека она што те тера напред е твојот менталитет. Тоа е она што те буди секој ден, да продолжиш да сакаш да победуваш – објаснува таа, пренесе УЕФА. Н.М.