Компанијата „ПЛАИЕР“ им помага на клубовите да донесат подобри одлуки, работи со клубовите за трансфери и дава увид за тоа кого треба да ангажираат. Сите клубови имаат пристап до истите податоци, но начинот на кој ги користат се разликува. Некои беа подготвени да го користат и како филтер за подобро надгледување на нивните скаути, а други се повнимателни и претпочитаат да го имаат како проверка на нивните ангажирани играчи

Аналитиката на податоците беше голем чекор. Ова е огромен скок во еволуцијата на фудбалските податоци, изјави Јан Венд за „Скај спорт“ кој е коосновач на „ПЛАИЕР“, компанија што помага да се донесе технологијата за вештачка интелигенција во фудбалот во англиската Премиер-лига.
Тие веќе работат со четири клуба од Премиер-лигата и 10 пати повеќе од таа бројка на глобално ниво. Со собирање огромни податоци и користење на вештачката интелигенција за да се разбере тоа, тие даваат насоки за трансферите, кохезијата на тимот и дали сега е време да се отпушти тренер. Првичниот план на Венд и на неговиот деловен партнер беше да користат вештачка интелигенција како алатка за предвидување, но тие набрзо сфатија дека само мерењето е главниот предизвик за оние што одлучуваат во играта.
Откако ја направија најголемата база на податоци некогаш изградена во фудбалот, „егзотична мрежа од податоци за настани, податоци за повреди и податоци за плата во над 100 лиги“, тие работат со сите, од сопственици до аналитичари на податоци за да помогнат во промената на играта, пишува „Скај спорт“.
– Го гледаме тоа во три чекори. Прво, можеме да ви кажеме точно колку е силен вашиот тим и колку треба да биде силен за да ги постигнете вашите цели. Второ, можеме да ви го кажеме очекуваното влијание на секој играч врз гол-разликата на вашиот тим на крајот на сезоната. Нудиме многу јасен увид за да знаете точно на кои позиции треба да се насочите за да станете посилни. Третиот дел е да им помогнеме на клубовите да ги најдат вистинските играчи, да ги инвестираат парите на најдобар можен начин. Во основа тоа е подобар увид за да помогнете да се донесат подобри одлуки. Замислете дека сте лекар и треба да поставите дијагноза без рендген. Знаете дека ногата боли, но можете само да ја допрете со рацете за да видите дали е скршена или има само модринка. Или некој има проблеми со белите дробови, но можете само да го слушате како кашла. Тогаш доаѓа човек со рендген. Тоа не значи дека минатите одлуки биле погрешни, тоа само ви дава дополнително ниво на увид во она што се случува. Нудиме дополнителна алатка. Тоа му дава на сопственикот многу транспарентен поглед на она што се случува во нивниот клуб. Ако сакате да стигнете до Европа, ова се вашите конкуренти и погледнете колку се силни. Сакате да ги надминете? Ќе мора да го направите тоа и тоа. Можеме да покажеме колку силен ќе треба да биде вашиот тим, обезбедувајќи јасна слика за тоа како да стигнете до следното ниво – вели тој.
Додека сите клубови имаат пристап до истите податоци преку „ПЛАИЕР“, начинот на кој тие ги користат се разликува. Некои беа подготвени да го користат и како филтер за подобро надгледување на нивните скаути, а други се повнимателни и претпочитаат да го имаат како проверка на нивните ангажирани играчи.
– Тие создаваат список со играчи што им се допаѓаат, ние создаваме список со играчи што ги препорачува нашиот систем и гледаме дали има преклопување. Така функционираат повнимателните клубови. Понапредниот начин е навистина да се користи за да се најдат препораки – рече тој.

Влијанието на играчот

Пресметувањето на влијанието на поединечните играчи е многу корисно за клубовите кога донесуваат одлуки за ангажирање и за задржување. Ова е најкористената алатка. Со кликнување на едно копче, Венд може да ја покаже веројатната последица од замена на еден играч со друг.
– Податоците за настаните постојат веќе 15 години или повеќе. Она што сакаме да го измериме е ефикасноста на системот, а не како можат да дриблаат или колку се брзи. Како играчот придонесува за успехот на тимот? Тоа е она што треба да го направиме. Тоа е сѐ што е важно затоа што ова е тимски спорт со многу зависности и корелации. Вештачката интелигенција прави преглед. Потоа се обидува да најде обрасци во овие милијарди корелации. Има толку многу податоци. Што е важно? Ако предложевме играч да му се приклучи на Манчестер сити, 100.000 пати ќе симулиравме 38 натпревари против секој тим од Премиер-лигата за да видиме како функционира тоа. Не можете да ги обработувате тие податоци рачно, тоа би го уништило компјутерот. Ви треба вештачка интелигенција. На пример, Едерсон или Стефан Ортега? Резултатот е речиси ист – вели тој. Но потоа го отстранува Родри од тимот.
– Тоа има огромно влијание. И ова ќе беше означено како ризик долго пред неговата повреда. Играчот како Родри е во опсегот од 7.000 според нашата метрика. Има можеби околу 200 играчи во светот над нивото 6.000, така што постои ризик да се има толку добар играч. Да се заменат тие е многу тешко. Дали би можеле да го замените Роже Федерер во вашиот Дејвис-куп тим? – вели тој, пренесе „Скај спорт“.

Влијанието на тренерот

За разлика од ставот на Венд за значителното влијание на играчите од светска класа, влијанието на тренерите е нешто што тој го смета за преценето. Тој не влезе во тоа со однапред смислени идеи. Тоа беше наод, пишува „Скај спорт“.
– Ова беше некако изненадувачки за нас. Едно од поинтересните сознанија од вештачката интелигенција е дека квалитетот на играчот е одговорен за околу 90 проценти од спортскиот успех, а придонесот на тренерот е околу 10 проценти. Сега, запомнете, 10 проценти уште можат да ја направат разликата. Но тренерите имаат тенденција да имаат преголеми перформанси со тим најмногу една година. Ниту еден тренер во нашиот систем во текот на претходните 10 години не се надминал долго време, со неколку исклучоци – вели тој. Кои се тие?
– Кристијан Штрајх во Фрајбург и Пеп Гвардиола во Манчестер сити – вели Венд, пренесе „Скај спорт“.
Венд зборува за „едуцирање на пазарот“ и „обезбедување попрецизна основа за одлуки“ во индустријата што уште може да биде водена од емоции и чувства. Дали ова може да биде само почеток бидејќи „ПЛАИЕР“ има намера да го прошири својот досег.
– Сега имаме некои психолошки параметри. Можеме да предвидиме повреди. Тоа е извонредна алатка и додаваме работи секои неколку недели, но на внимателен начин, бидејќи веќе има премногу. Ако го ставиме сето тоа, на луѓето едноставно би им било премногу тешко да работат – вели тој.
Се чини дека фудбалот станува покомплициран. Иронично, целта на сето ова е донесувањето одлуки да се поедностави.
– Сакаме да го направиме црно-бело за клубот. Овој играч е или доволно добар за да ве направи подобар или не е. Едноставно – рече Венд.
Добредојдовте во светот на вештачката интелигенција, пишува „Скај спорт“. Н.М.