
ФУДБАЛ – ОДЛУКА НА ФИФА
- Вкупно 727 милиони долари ќе бидат распределени на учесниците на СП 2026. Секоја од 48-те репрезентации има загарантирани 10,5 милиони долари, а новиот светски првак ќе освои вкупно 50 милиони долари
Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) одреди рекорден награден фонд од 727 милиони долари за Светското првенство (СП) в година во САД, Мексико и во Канада. Најголемиот дел, 655 милиони долари, што е зголемување од 50 проценти во споредба со претходното издание на планетарниот шампионат, ќе биде исплатен како награден фонд за 48-те репрезентации што ќе играат на СП 2026.
Од тоа, новиот светски фудбалски првак ќе заработи 50 милиони долари, а вицешампионот 33 милиони долари. Понатаму, за освојувачот на бронзениот медал се обезбедени 29 милиони долари, за селекцијата што ќе се пласира на четвртото место 27 милиони, репрезентациите од петтото до осмото место ќе добијат по 19 милиони, тие од деветтото до 16. место по 15 милиони, селекциите од 17. до 32. место по 11 милиони, а репрезентациите од 33. до 48. место по девет милиони долари.
Дополнително, секоја од 48-те фудбалски репрезентации што ќе настапат на планетарниот шампионат ќе добие по 1,5 милион долари за покривање на трошоците за подготовки за настап на СП 2026. Тоа значи дека на сите 48 селекции им се гарантирани најмалку 10,5 милиони долари за учество на турнирот, пишува ФИФА.
– Светското првенство во 2026 година ќе биде револуционерно и во однос на финансискиот придонес кон глобалната фудбалска заедница – рече претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино.
Како дел од непоколебливата посветеност на ФИФА за промовирање на младинскиот фудбал, Советот на ФИФА потврди воведување нови турнири за момчиња и за девојчиња до 15 години, кои ќе бидат отворени за сите 211 земји членки на ФИФА, објави Светската фудбалска федерација. На првото издание, в година, ќе играат машки репрезентации, второто издание, во 2027 година, ќе вклучува и женски репрезентации, а надградувајќи се на овој бум, од 2028 година сите земји членки ќе бидат поканети да учествуваат со своите репрезентации до 15 години во две одделни натпреварувања, пишува ФИФА. За да се усогласат со потребите за развој на играчите до 15 години, натпреварите ќе бидат пократки по времетраење и ќе се играат на помали терени, а тимовите ќе се состојат од седум до девет играчи по екипа, пишува Светската фудбалска федерација.
– Во претходните години ФИФА ги засили своите напори за поттикнување на младинскиот фудбал, чии резултати се очигледни за сите. Бевме многу активни во промовирањето на младинските натпреварувања и развој, а ова е природен следен чекор и многу радосен. Одржувањето турнири на ФИФА до 15 години за момчиња и за девојчиња ќе биде фундаментално во потрагата на ФИФА да им даде шанса на сите таленти низ целиот свет и уште еден пример за тоа како ФИФА реинвестира во фудбалот – рече Инфантино, пренесе Светската фудбалска федерација. Н.М.
РАСПРЕДЕЛБА НА НАГРАДИТЕ НА СП 2026
Првак 50
Финалист 33
Трето место 29
Четврто место 27
Од петто до осмо место 19
Од деветто до 16. место 15
Од 17. до 32. место 11
Од 33. до 48. место 9
Фонд за подготовки 1,5
Вкупно 727
сумите се во милиони долари
Извор: ФИФА
































